Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изрази сомнеж дека е можна лична средба меѓу претседателите на Украина и на Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин, до крајот на август, објави Радио Слободна Европа.
– Живееме во време кога е невозможно со сигурност да се каже дека нешто нема да се случи. Но, имајќи го предвид обемот на работа што треба да се направи за да се приближат позициите, од наша страна – за да ги обезбедиме нашите интереси – тешко е да се замисли како може да се премости тоа растојание со еден скок – изјави Песков одговарајќи на новинарски прашања.
Предлогот за лична средба меѓу Зеленски и Путин до крајот на летото го даде украинската страна на разговорите меѓу Украина и Русија што се одржаа во средата во Истанбул. Според предлогот, средбата требало да се одржи во присуство на претседателите на САД и Турција, Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган.