Додека Вимблдон влегува во својата завршна фаза и ги привлекува најголемите светски ѕвезди, актерот Хју Грант стана центар на вниманието – не поради тенисот, туку бидејќи бил „уловен“ од камерите како дреме за време на тај-брејкот меѓу Новак Ѓоковиќ и Флавио Коболи, објави британскиот портал Лед бајбл.
Настанот се случи на меч во кој тензијата беше на максимум, но Грант, сместен удобно во кралската ложа, очигледно не бил толку возбуден за натпреварот.
Фановите на тенисот реагираа жестоко, обвинувајќи го за непочитување, особено со оглед на тоа што влезниците за завршните фази на Вимблдон се исклучително тешки за добивање.
Сепак, не сите беа бесни. Некои гледачи со симпатија го прифатија моментот, нарекувајќи го „најзабавното нешто што се случило на Вимблдон годинава“. „Хју Грант дреме во кралската ложа – апсолутна икона“, напиша еден фан.
Инаку, Ѓоковиќ го доби мечот со 3:1 во сетови и ќе се соочи со светскиот број еден, Јаник Синер, во утрешното полуфинале.
Интересно, кратко пред дремката, Грант бил забележан како разговара со кралицата Камила – што ги инспирираше твитерџиите да се пошегуваат дека можеби ѝ ја кажал точната оценка: „30 – Love, Actually“. За објаснување, „30 – Love“ е типичен резултат во тенис кој означува дека еден играч има 30 поени, а другиот 0 – при што терминот „love“ во тенис значи нула. „Love Actually“ е наслов на познат британски филм од 2003 година, во кој актерот Хју Грант глуми еден од главните ликови, премиерот на Велика Британија.