Од утре се зголемува цената на парното за околу 5% и за граѓаните кои се снабдуваат со топлина преку системите на ЕСМ Енергетика и Скопје Север – Енерџи еко линк, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Според одлуката, за потрошувачите на топлинска енергија за ЕСМ Енергетика поскапувањето ќе изнесува 5,17% додека пак за оние кои се топлат на мрежата на Скопје Север – Енерџи еко линк парното ќе поскапи за за 5,25%.
Парното од 1 февруари поскапи за 5,03% за останатите 95% од потрошувачите во Скопје.
Претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски го појасни ова зголемувањето како одговор на барањето од страна на овие две компании за корекција на цената.
– Познато е дека поради комплексните геополитички случувања цената на природниот гас на светките берзи е зголемена, поточно во последниот квартал од минатата година имама раст од 16 % што е и главна причина и за оваа одлука. Овие две компании доставија барање за корекција на цената во текот на месец февруари, по што РКЕ изврши соодветни анализи и врз основ на тоа донесе Одлуки за корекција на цената за потрошувачите на топлинска енергија за ЕСМ Енергетика и Скопје Север – Енерџи еколинк, која ќе стапи на сила од 1 март. Станува збор за вкупен конзум од 2.500 потрошувачи -рече Бислимоски.
РКЕ издаде и 2 лиценци за вршење на енергетска дејност за регулирано производство и снабдување со топлинска енергија на ЕНЕРЏИ ЕКОЛИНК АД Скопје, додека постапката за издавање лиценца за дистрибуција е во тек.
– Станува збор за топланата позната во јавност како Скопје Север, која од неодамна ја презема приватен инвеститор и истиот ја отпочна постапката за конечно лиценцирање на компанијата која извршува јавна дејност повеќе од 20 години. РКЕ останува на ставот дека секоја реализација на инвестициите што значи подобрување на квалитетот на снабдување и ширење на мрежа со цел зголемување на конзум е со безрезервна поддршка, посебно што станува збор за еколошки и најекономичен начин на затоплување, што се одразува врз сметките за парно – кои се најниски. Анализите покажуваат дека доколку сите исклучени од парно, повторно се приклучат на системот сметките ќе се намалат за околу 10% – прече Бислимоски.