На 14 февруари 2025 година, веста која беше објавена за приведувањето на поранешниот висок полициски службеник и поранешен началник на СВР Охрид, Зоран Сарафилоски – Шипе, предизвика значително внимание. Тој бил приведен при обид за кражба во маркетот „Кам Маркет“, лоциран на Булевар Туристичка во Охрид. Веста беше потврдена и од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, преку официјално соопштение упатено до медиумите.
Меѓутоа, Сарафилоски, наместо да се соочи со последиците од своето дејство, на социјалните мрежи и на официјалниот профил на „Охридскај“ на Фејсбук објави коментар дека ќе поднесе кривична пријава против медиумите, како и дека веста е лажна. Тој истакна дека правдата ќе ја бара на суд и дури најави тужба против уредникот на „Охридскај“, Сашо Денесовски.
Но, реалноста е непобитна – Сарафилоски е фатен при извршувањето на кривичното дело „кражба“. Неколку денови пред инцидентот, вработените во маркетот приметиле сомнителни дејствија на Сарафилоски. Иако се сомневале дека тој краде, тие се плашеле да го сопрат без конкретен доказ, бидејќи го познавале како поранешен началник и лице со врски во полицијата.
Критичниот ден, Сарафилоски влегол во маркетот облечен со поголем елек и се движел низ рафтовите. Од безбедносните камери јасно се гледа како ги полни своите џебови со чоколади, апетисани, лешници и јајца, а потоа земал суво месо и го ставил во џебот на елекот. Кога пристигнал на касата, бил информиран од страна на обезбедувањето дека шефицата на маркетот го бара, по што полицијата била повикана и набрзо пристигнала на местото на настанот.
Кога полицијата побарала да го соблече елекот, откриено било дека тој ја отстранил поставата од џебовите, што овозможило да се украдат повеќе производи. Поради ова, полицијата го привела Сарафилоски, но тој се обидел да побара помош преку својот мобилен телефон од луѓе кои му биле познати, надевајќи се дека ќе ја реши ситуацијата без последици.
Целиот настан бил снимен на безбедносните камери, кои се чуваат како доказ за кривичното дело. Сарафилоски најави кривични пријави против маркетот и медиумите, но доколку не биде уништена снимката, таа ќе биде искористена како доказ во понатамошната постапка.
Непобитен факт е дека Зоран Сарафилоски – Шипе бил фатен при извршување на кривичното дело „кражба“. Неговото поведение, како и подготовките за кражбата, укажуваат на тоа дека овој инцидент не е случаен, туку резултат на неговиот намерен план за кражба.
Сашо Денесовски