Поранешни вработени во Бирото за јавна безбедност (БЈБ) заработија кривични пријави за ,,злоупотреба на службената положба и овластување при што го оштетиле буџетот за 53.900 евра, соопшти Министерството за внатрешни работи(МВР).
Според соопштението, во 2021 и 2022 година, првопријавената В.В., се сомничи дека додека била на функцијата помошник директор во БЈБ не спровела пресуди на надлежен суд, додека второпријавена В.Н., во својство на началник, не ги прочитала со внимание предусидте и не реагирала до првопријавената.
Се работи за пресуди со кои биле одлучено да прекинат договорите за вработување на две вработени лица во МВР, со што лицата продолжиле да работат.
„Со ваквото дејствие пријавените му нанеле значителна имотна штета на буџетот на Министерството за внатрешни работи на име на исплатени плати и придонеси од работен однос на работниците на кои согласно судските пресуди требало да им биде прекинат работниот однос во МВР во износ од 3.314.870 денари“, се вели во текстот.
Во соопштението се вели дека В.В. не постапила согласно своите надлежности на начин што не ја распоредила примената пошта, во случајот предметните пресуди, до надлежниот Сектор за управување со човечки ресурси и обуки во рамки на Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси и не дала насоки да се постапи по пресудите, односно да се откажат договорите за работа на работниците, и покрај фактот што на критичните денови кога пресудите пристигнале во Одделот со кој раководела, истата била на работа и не дала овластување на друг работник да ја распоредува поштата.
Пресудите, се вели понатаму во текстот, биле заведени во Секторот за правни работи и заштита на лични податоци, кој немал надлежност да постапува по истите.
За второпријавената, екс-началничката В.Н., во написот се вели дека не реагирала до својата колешка:
„Второпријавената во својство на овластено службено лице кога предметните пресуди пристигнале во Секторот со која таа раководела, не ги прочитала со внимание и ги предала да бидат заведени во Деловодникот на Секторот за правни работи и заштита на лични податоци, без притоа соодветно да реагира и да ги врати пресудите до првопријавената, со цел да бидат проследени до надлежниот Сектор за управување со човечки ресурси и обуки заради постапување“.
Осомничените началничка и помошник директор во БЈБ денес се пензионирани работници. Тие работеле во Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси.