Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените сообраќајни контроли низ патиштата во земјава, со цел да се зголеми безбедноста и да се потсетат граѓаните на важноста од почитување на сообраќајните правила.
Само во текот на вчерашниот ден полициските службеници низ целата држава издале 597 санкции. Од нив, најмногу – 200 биле за непрописно паркирање, додека во 92 случаи станувало збор за непочитување на ограничувањето на брзината.
Во рамки на контролите, 47 возачи биле фатени без сигурносен појас, а 16 користеле мобилен телефон додека управувале возило. Полицијата открила и 50 лица кои управувале возило без возачка дозвола, осуммина возеле под дејство на алкохол, а четири моторциклисти биле санкционирани за неносење заштитна кацига. Дополнително, 13 санкции биле изречени за прекршоци направени од пешаци.
Контролите откриле и 17 нерегистрирани возила во сообраќајот, а седум возила биле исклучени поради техничка неисправност.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови, а воедно апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила за заедничка поголема безбедност на патиштата.