Осум лица од Скопје утринава се уапсени во голема полициска акција со која беше разбиена организирана криминална група што се занимавала со лихварство, перење пари и нелегално приредување игри на среќа. Акцијата била спроведена од специјализираните полициски единици под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал.
Полицијата истовремено влегла на 11 различни локации ширум Скопје, каде што биле извршени претреси. На терен биле пронајдени и запленети околу 34.510 евра, 431.000 денари и 400 долари, како и голем број мобилни телефони, моторни возила, компјутери и лаптопи.
Во нелегалните простории биле откриени и маси за покер, чипови, карти и друга опрема што се користела за организирање нерегистрирани коцкарски игри. Дел од просториите биле опремени како импровизирани играчници. Според полициските процени, групата подолг период работела надвор од законските рамки и остварувала значителни приходи.
Дополнително, биле откриени и растителни и прашкасти материи, за кои се сомнева дека се дрога. Запленетата документација ќе се користи за утврдување на целосниот обем на криминалните активности.
Уапсените се задржани во полициска станица и во тек е нивно понатамошно процесирање.



























