Министерството за внатрешни работи спроведе засилена контрола на сообраќајот, при што за само еден ден беа санкционирани повеќе од 600 прекршоци.
Според официјалните податоци, најмногу казни се изречени за возење со неприлагодена брзина (111), минување на црвено светло (31), како и користење мобилен телефон при возење (41).
Како што информираат од МВР, полицијата открила и 58 возачи без возачка дозвола, а санкционирани се и 30 лица кои не носеле сигурносен појас. Меѓу казнетите има и 12 мотоциклисти кои биле затекнати без заштитна кацига.
„Во рамки на контролата, во пет случаи беше утврдено дека возачите управувале возило под дејство на алкохол, а дополнително беа казнети 14 пешаци за различни прекршоци. Исто така, од сообраќај беа исклучени пет технички неисправни возила, а 15 нерегистрирани автомобили беа отстранети“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните прописи, особено во пресрет на викендот и прославите за 8-ми Март, со цел да се намали бројот на несреќи и да се зачува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.