Унгарија се стреми да ги здружи силите со Чешка и Словачка за да формира блок на земји во рамките на Европската Унија кои се скептични во врска со понатамошната помош за Украина. Таквиот потег би можел значително да ги комплицира напорите на Брисел да обезбеди континуирана финансиска и воена поддршка за Киев, објавува Политико.
Балаж Орбан, главен политички советник на унгарскиот премиер, изјави дека се надева дека ќе се здружи со Андреј Бабиш, чија десничарска популистичка партија победи на неодамнешните парламентарни избори во Чешка, и со словачкиот премиер Роберт Фицо.
Според него, целта е да се координираат ставовите пред состаноците на лидерите на ЕУ, што вклучува одржување состаноци пред самите самити.
Иако сè уште не е постигнат силен политички сојуз, неговото формирање би можело значително да ги комплицира напорите на ЕУ да обезбеди финансиска и воена поддршка за Украина, објавува Политико.
Вишеградска тројка наместо четворка
„Мислам дека тоа ќе се случи – и ќе стане сè повидливо“, рече Балаш Орбан, кога беше прашан за можноста за формирање блок на скептици за Украина во Европскиот совет.
Тој потсети на моделот на соработка на таканаречената Вишеградска четворка (Унгарија, Чешка, Словачка и Полска) за време на мигрантската криза. „Тоа функционираше многу добро за време на мигрантската криза. Така успеавме да се спротивставиме“, рече тој, осврнувајќи се на периодот по 2015 година, кога евроскептичната партија „Право и правда“ беше на власт во Варшава.
Според „Политико“, новата алијанса би се состоела од три, а не од четири члена. Сегашниот полски премиер од централно-десничарската партија, Доналд Туск, е цврсто проукраински ориентиран и веројатно нема да се приклучи на каков било сојуз со унгарскиот премиер.
Унгарскиот премиер, кој е на власт во последните 15 години, се соочува со битка за реизбор следната година. Според анкетата на јавното мислење на која се повикува публикацијата, партијата Тиса на лидерот на опозицијата Петер Маѓар во моментов е попопуларна од партијата Фидес на Орбан.



























