Украина утринава нападна енергетски објекти во јужна Русија со десетици дронови, предизвикувајќи пожари во голема рафинерија и постројка за преработка на гас, како и нарушување на воздушниот сообраќај, јавија официјални руски и украински извори.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушните сили пресретнале и уништиле 70 украински дронови во текот на ноќта, од кои 25 над Волгоградската област, 27 над Ростовската и 7 над Астраханската област.
Гувернерот на Волгоградската област, Андреј Бочаров, изјави дека паднати остатоци од дронови предизвикале пожар во нафтена рафинерија, но не наведе која точно.
Според руските медиуми, блиски до безбедносните служби, повеќе експлозии биле регистрирани во близина на рафинеријата на „Лукоил“, најголемата во јужна Русија, која дневно преработува 300.000 барели нафта.
Во Астраханската област украински дронови нападнале гасна постројка, предизвикувајќи пожар, потврди гувернерот Игор Бабушкин без да даде детали.
Шефот на украинскиот Центар за борба против дезинформации, Андриј Коваленко, изјави дека е погодена постројка на „Газпром“ со капацитет од 8.340 тони дневно.
Рускиот воздухопловен регулатор „Росавијација“ привремено ги суспендираше летовите од аеродромите во Астрахан, Волгоград, Казан, Нижнекамск, Саратов и Уљановск, но подоцна соопшти дека повеќето аеродроми продолжиле со нормална работа.
Руските власти тврдат дека украинските напади претставуваат терористички чин, додека Киев инсистира дека има право да напаѓа руска инфраструктура бидејќи таа е клучна за војната која Москва ја води во Украина.