Европската комисија утврдила дека Фејсбук, Инстраграм и ТикТок го прекршиле Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) со тоа што не ја исполниле својата обврска да им овозможат на истражните органи соодветен пристап до јавни податоци.
Истрагата покажала дека социјалните мрежи воспоставиле сложени процедури и алатки за истражните органи при барањето пристап до јавни податоци. Ова често ги остава со делумни или несигурни податоци, што влијае на нивната способност да утврдат некои состојби, како на пример, дали корисниците, вклучително и малолетниците, се изложени на илегална или штетна содржина.
Доколку овие прелиминарни оценки се потврдат на крајот на истрагата, Комисијата може да им изрече парични казни на социјалните мрежи во износ од шест отсто од нивниот вкупен годишен промет на глобално ниво, како и да изрекува периодични казни со цел да ги принуди да се усогласат со ДСА.
Фејсбук, Инстаграм и ТикТок сега имаат можност писмено да одговорат на прелиминарните наоди на Комисијата и да преземат мерки за отстранување на прекршувањата.
Освен тоа, истрагата открива дека Фејсбук и Инстаграм не обезбедуваат едноставен и лесно достапен механизам преку кој корисниците би можеле да пријавуваат илегални содржини, како што се материјали за сексуална злоупотреба на деца или терористички наративи.
„Се чини дека механизмите што моментално ги применува Мета имаат неколку непотребни чекори и дополнителни барања за корисниците. Покрај тоа, се чини дека и Фејсбук и Инстаграм користат таканаречени „мрачни шеми“ или „измамнички дизајни“ кога станува збор за механизмите за известување и пријавување“ – се наведува во соопштението на Комисијата.
Според Комисијата, ваквите практики можат да бидат „збунувачки и обесхрабрувачки“ и со тоа механизмите за посочување и отстранување на илегална содржина може да бидат неефикасни. ЕК додава дека онлајн платформите не се ослободени од одговорност во случаи кога не дејствувале брзо откако биле информирани за присуство на илегална содржина на нивните услуги.



























