По притисокот од Вашингтон, американската финансиска компанија „БлекРок“ наводно треба да ја преземе контролата врз двете клучни пристаништа во Панамскиот Канал, јавува германската новинска агенција Дпа.
Според соопштението, „CK Hutchison Corporation“ со седиште во Хонг Конг го продава најголемиот дел од својот пристанишен удел на конзорциум предводен од „БлекРок“. Зделката се проценува на околу 22,8 милијарди долари, но продажбата треба да ја одобри владата.
Како дел од договорот, компанијата „Panama Ports“, која управува со пристаништата Балбоа и Кристобал на влезовите на Панамскиот канал, исто така ќе ја промени сопственоста.
Американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави договорот но Панама повторно ги отфрли неговите изјави како лаги.
– Панамскиот Канал не е во процес на враќање… каналот е панамски и ќе остане панамски! – изјави уште еднаш панамскиот претседател Хозе Раул Мулино.
Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Кина има преголемо влијание врз Панамскиот Канал, наведувајќи дека САД мора да го вратат водниот пат под своја контрола. Кина и Панама ги отфрлаат овие тврдења.
Панамскиот Канал го изградија САД на почетокот на 20 век, но суверенитетот над зоната на каналот беше целосно вратен на Панама на крајот на 1999 година.