По наредба на јавен обвинител во тек е акција за приведување на повеќе лица, а во насока на проширување на истрагата за пожарот во Кочани, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство.
Оттаму додаваат дека надлежните институциите ќе ја информираат јавноста координирано штом бидат завршени дејствијата кои се во тек.
Медиумите објавија дека со новата акција опфатени се актуелен министер, директор и поранешни функционери и министри меѓу кои се поранешните министри за економија Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини како и актуелниот министер без ресор и поранешен директор на ДЗС, Шабан Салиу и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами.
Во истрагата се вклучени и поранешниот директор на ДЗС, Аднан Џаферовски и поранешниот директор на пазарен инспекторат, Виктор Дерменџиев.
Досега, за трагедијата во т.н. кабаре во Кочани, локалното Основно јавно обвинителство отвори истрага против вкупно 27 физички и три правни лица.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи изутрината на 16 март, животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени.