Топ Вести - Слушај сега
Поради неажурност на Прекршочната комисијата во составот на Министерството за економија и труд лани се застарени дури 1.534 прекршочни предмети поднесени од Државниот пазарен инспекторат, а државата изгубила 2.078.000 евра, констатира Државниот ревизор во извештајот за работата на Mинистерството во 2024 година.
Ревизорите укажуваат и дека загубата на приходот во државната каса е далеку повисока и поради тоа што дел од предметите неповратно се загубени по хакерскиот напад врз софтверот од септември 2024 година.
Ревизорите утврдиле и дека заклучно со мај 2025 година, Пазарниот инспекторат доставил уште 398 предмети за постапување, од кои 164 се од 2023 година, 152 од 2024 година и 82 од 2025 година, но нема информација колку од овие предмети се завршени.
Во однос на ИТ секторот утврдено е дека тој функционира само со 3 вработени од 12 предвидени работни места (25% капацитет), при што не се донесени политики и процедури за информациска безбедност, нема назначено лице за информациска безбедност, ниту е изработена анализа на ИТ ризици.
„Иако е склучен договор за бекап-софтвер, не е дефинирано континуирано следење и доказ за исправност на резервните копии, а дополнителен ризик е и користењето на застарени оперативни системи без пропишани мерки за заштита. Непреземените мерки за обезбедување на информациска безбедност, довеле до тоа Министерството за економија и труд да биде предмет на таргетиран ИТ напад во септември 2024 година, што предизвикало недостапност на сите сервиси како што се меил адресите, веб серверот и дата базите. И покрај тоа што системите биле обновени по 37 дена преку резервни копии, дел од податоците, вклучувајќи ја и електронската евиденција на предмети од Правниот сектор, се неповратно изгубени“, наведуваат ревизорите.
Утврдени се и неажурност и пропусти кај јавните набавки при изградба на фотоволтаични централи каде што државата е задолжена да ги огради парцелите. Оваа јавна набавка се реализирала во две фази од кои проблематична е втората фаза која изнесува 420.667 евра и не е завршена. За оваа фаза не била предвидена банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот, ниту е склучен анекс за продолжување на рокот иако тој е надминат. Во меѓувреме не се преземени ни правни мерки за наплата на договорни казни, со што не се постигнати целите на договорот.
По формирањето на новото Министерство за енергетика и рударство тоа поднело барање до Државното правобранителство за поведување тужба против економскиот оператор, констатираат ревизорите.
Ревизорите укажуваат и дека не е целосно завршен процесот на префрлање на имотот од Министерството за економија во Министерството за енергетика.
Ревизијата покажува дека за дел од програмите финансирани од Министерството не вршело надзор на реализацијата. Таква е мерката одмор за социјално загрозените работници каде што не е извршен увид во хотелските капацитети каде што престојувале корисниците на субвенцијата.
Ревизорите укажуваат и дека од вкупно планирани 94 мерки и активности за постигнување на целите предвидени со програмите и потпрограмите на Министерството за економија и труд реализирани се само 23 или 24% од планираните активности.
Ревизијата истакнува дека согласно Годишниот извештај за спроведување на Годишниот план за работа за 2024 година како клучни фактори кои влијаеле на реализацијата на предвидените мерки и активности се истакнуваат системските законски измени, недоволните финансиски и кадровски ресурси, како и изборниот процес и економската и енергетската криза.
Државниот завод за ревизија утврдил сериозни слабости во начинот на кој Министерството за економија ги издава лиценците и решенијата за категоризација на угостителските објекти, предупредувајќи дека законската рамка дозволува дискотеките, кабареата и другите локали да почнат со работа и без задолжителни проверки за противпожарни, технички, санитарни и еколошки стандарди.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
