Се прави сеопфатна анализа за потрошувачката на струја во јавните комунални претпријатија, болниците, училиштата,… кои имаат енормни сметки, се размислува да се направи посебен пакет за нив со „понормална“ цена, а се работи и на формирање балансна група во која ќе бидат групирани. Не може да се каже кое ќе биде решението, но во почетокот на вториот квартал ќе има одговор, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Како што напомена Божиновска, целта на Владата е да се направи системско решение.
-Ние сме свесни за овој проблем. Уште кон крајот на минатата година почнавме да ги гледаме болниците, школите, училиштата, комуналните претпријатија кои имаат енормни сметки за струја. Тие можеби од незнаење или немање стручен кадар, на пример, ако не изберат снабдувач одат во снабдување со краен случај. И сами не се запознаени со последиците од непостапувањето. Тоа е една работа, а друга е дека се оставени на ризик на берзата. Тие се непрофитни и ние сега правиме сериозна и темелна анализа, да видиме колку енергија е тоа, колку мегават часови е вкупно, и ќе видиме да направиме пакет за нив, да видиме да имаат некоја друга, понормална цена, односно да има некои заштеди – рече Божиновска.
Како што напомена Божиновска, целта на Владата е да се направи системско решение.
Според министерката сите тие треба да влезат во една „балансна група“ од следниот квартал.
-Владата е таа што ги плаќа сметките. Ние сме свесни. Сакаме да направиме системско решение. Сега е зима и најпрво треба да се погрижиме зимата да заврши и се да биде како што треба. Но, работиме на една балансна група во која ќе бидат сите овие претпријатија, ќе видиме какви се можностите и кои ќе бидат цените. Не можеме сега, утре или задутре да дадеме одговор, но во почетокот на вториот квартал ќе имаме повеќе сознанија и пресметки – рече Божиновска.
Тие сега плаќаат за 50% поскапа електрична енергија затоа што ја купуваат од универзалниот снабдувач во краен случај и тоа го прават за период подолг од 3 месеци што е недозволено со закон.
-Немам такви сознанија и не знам што се случува, но точно е дека има некои што злоупотребуваат со непостапување. Ќе прашам и ќе видам што се случува, ние не сме надлежни за тоа – рече Божиновска.
Јавните комунални претпријатија побараа да можат да склучат договор за снабдување со Државните електрани по 62 евра за мегават час, односно цената по која ја испорачуваат до Универзалниот снабдувач наменета за домаќинствата и малите потрошувачи.