Имајќи предвид дека е воспоставена нова динамика во руско-американските односи, можно е Европската унија да го промени ставот кон Вашингтон, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
– Како понатаму ќе се трансформира ставот на политичарите во Европа, со оглед на оваа нагла промена на динамиката на руско-американските односи, ќе видиме, ќе покаже времето – рече Песков во интервју за ТВ каналот „Русија-1“, пренесуваат руските медиуми.
Песков ги коментираше и зборовите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој претходно за француски весници изјави дека не ја исклучува можноста за обновување на дијалогот со рускиот претседател Владимир Путин.
– Меѓутоа, францускиот претседател Емануел Макрон сè уште не презел вистински чекори во комуникацијата со рускиот претседател Владимир Путин, и покрај изјавите за неговата подготвеност за дијалог – рече Песков, пренесе Тас.
Портпаролот на Кремљ нагласи дека Франција, напротив, зазема став „за продолжување на војната со сите неопходни средства“.
Песков рече и дека новата влада во САД ги менува политичките конфигурации во светот и дека заедничкото гласање меѓу Вашингтон и Москва во ОН, што до неодамна беше незамисливо, сега стана реалност.
Русија и САД се обидуваат да ги подобрат односите, но поради постапките на претходната администрација во Вашингтон, патот ќе биде долг, посочи портпаролот на Кремљ, додавајќи дека е можно да се забрза овој процес кога ќе има политичка волја од претседателите на двете земји.