Нашата држава веќе нема комодитет, ниту еден ден повеќе да изгуби во непродуктивна политика. Токму затоа ја започнавме иницијативата „Каде што срцето е дома“, преку која од една страна ги слушаме оние кои се креатори на локалната политика, градоначалниците и советите, за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат, а од друга страна да ги чуеме потребите и желбите на граѓаните преку директен контакт со нив, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински.
– Во Македонија нема заборавени места – рамномерниот развој е наш императив, сакаме да ја зголемиме економската и социјалната стабилност во државата- истакна во гостување на Македонската телевизија.
Перински нагласи дека секојдневното функционирање е динамично, но тоа дополнително ја зголемува мотивацијата за интензивирање на работата на терен. Како пример го посочи присуството во Неготино, каде што се реализираат два од трите проекти за кои општината доби финансиска поддршка од централниот буџет преку првиот повик за финансиска помош за општините.
– Навистина сум среќен што конечно проектите веќе го гледаат светлото на денот. Имаше многу предизвици, но докажавме дека нема неразвиени и занемарени региони – рамномерниот развој е клучен за иднината на државата – изјави министерот.
Тој потенцираше дека градоначалниците сега имаат можност да реализираат капитални инфраструктурни проекти со значајна поддршка од централниот буџет.
– За проектите што беа подготвени, но немаа финансиски средства, сега создадовме можност. Големо е задоволството што гледаме конкретни резултати – се гради, се развива, а задоволството на граѓаните ни е потврда дека политиките се поставени на здрава основа – рече Перински.
Тој потенцира дека измените на Законот за локална самоуправа ќе овозможат поголема одговорност на градоначалниците и подобра контрола врз јавниот ред. Очекувањата се измените да бидат усвоени на лето, за новите градоначалници да работат по новиот закон. Како клучна новина, министерот ја истакна можноста за референдумски отповик на градоначалниците.
– Главната иницијатива за овој закон е дека не би требало да има незаменлив градоначалник доколку не си ја извршува работата соодветно. Затоа можност за референдумски отповик од страна на граѓаните е најсоодветно решение. Истите тие граѓани му ја дале довербата и при злоупотреба на таа доверба. досега немаа механизам за отповикување – нагласи тој.
Измените предвидуваат воведување на комунален редар како механизам за зачувување на јавниот ред и заштита на јавните добра.
– Ние сме сведоци дека системот на централно ниво не работеше согласно потребите на граѓаните. Во моментов сме сведоци на несекојдневни појави за нас, гледаме девијантни однесување, несоодветно постапување со јавното добро. Затоа е многу важно да се воспостави механизмот на комунален редар, на кој ќе му ги зголемиме ингеренции и преку Законот за комуналните дејности. Веќе од следниот мандат градоначалниците ќе имаат обврска да имаат вакви служби за зачувување на јавното добро – изјави Перински.
Тој додаде дека општините покажаа подготвеност за вториот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти/
– Очекуваме трипати повеќе апликации и значително економско раздвижување на сите нивоа, затоа што 15 милијарди денари се на располагање за локални проекти – рече министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Заклучно со вчера, од 34 општини се пристигнати 197 проектни апликации, што, според министерот, е показател за високата подготвеност на локалните власти.
Вопрвиот јавен повик, во вредност од 4,5 милијарди денари, склучени се договори за 288 проекти, а за нивната координација е формирано Координативно тело во кое членуваат сите ресорни министерства.
– Од овие проекти, за 252 проекти веќе се склучени договори за избор на изведувачи, на повеќе од 50-тина се работи, се воведени во реализација. Остануваат уште 30-тина проекти кои се во фаза на објавување на постапка за избор на изведувач. Динамиката на изведба е задоволителна, а капацитетот на општините за реализација на проектите е на високо ниво – заклучи Перински.