PDQ Arm & Prop, компанијата за реквизити што работеше на филмот „Rust“, во кој во текот на на снимањето беше застрелана снимателката Халина Хачинс, го тужи актерот Алек Болдвин.
Сопственикот на компанијата, Сет Кени, ги обвини Болдвин и другите продуценти на филмот дека водат медиумска кампања за да ја префрлат вината за смртоносната рана од огнено оружје врз него. Кени тврди дека Болдвин и продуцентската куќа ги користеле медиумите за да го прикажат во „лажно и навредливо светло“.
Тој рече дека „националната пропагандна кампања“ му предизвикала сериозни финансиски загуби и дека повеќе не може да најде работа. Според него, продукцијата на „Rust“ завршила на еден од неговите изнајмени имоти без плаќање, а неговиот реквизитерски инвентар останал под полициски надзор.
Тој побара од судот да одлучи колку надомест треба да добие за штетата што ја претрпел, како и дополнителна компензација ако поротата утврди дека актерот и другите дејствувале невнимателно или злонамерно.
Кени работел како главен дистрибутер на реквизити за филмот, кој е снимен во 2021 година, а неговата компанија снабдувала лажни куршуми за снимањето. За време на истрагата, вистински куршуми биле пронајдени во PDQ Arm & Prop, но обвинителството тврдело дека тие не биле идентични со куршумот испукан на снимањето на 21 октомври 2021 година.
На судењето, обвинителите изјавиле дека вистинските куршуми на снимањето биле видени на фотографии направени на 10 октомври истата година, два дена пред лажните куршуми на Кени да пристигнат за снимањето.
– Беше катастрофално. Не станува збор за спасување на образот, немам што да изгубам. Целата оваа ситуација беше за никаде, а јас бев жртвено јагне – вели Сет.
Сопственикот на компанијата за реквизити, исто така, тврди дека ја поднел тужбата откако Болдвин ги тужел службениците на Ново Мексико во јануари за она што тој го нарече злонамерно гонење. Во таа тужба, актерот ја повтори теоријата дека компанијата на Кени случајно измешала вистински куршуми со лажни и ги доставила до продукцијата. Адвокатскиот тим на Болдвин во тоа време тврдеше дека Кени не бил под истрага бидејќи имал статус на сведок.
– Зошто би сакал да ме прикаже како негативец? Морам да ја кажам мојата страна. Имам шанса да кажам: „Еве што навистина се случи, и тоа во многу случаи – нагласи Кени.
Тужбата на Болдвин од јануари вклучува обвиненија за клевета, а неговите адвокати тврдат дека обвинителите и истражителите го нападнале актерот и копродуцентот за лична професионална или политичка корист. Тужбата првично беше отфрлена во јули, но неодамна беше повторно поднесена и префрлена на федерален суд.




























