Иран ноќеска започна нов бран ракетни напади врз Израел, во кои, според израелските медиуми, загинаа најмалку 8 лица, а над 100 се повредени.
Нападите следеа откако израелската војска потврди дека извршила удари врз иранската нуклеарна инфраструктура, додека, пак, иранското Министерство за нафта соопшти дека е погодено складиште за нафта Шахран во Техеран.
Израелската служба за итни случаи, Маген Давид Адом (МДА), потврди дека во нападите загинале 4 лица во Бат Јам, јужно од Тел Авив: жена во 60-те, жена во 80-те, момче од околу 10 години и девојче, веројатно во истиот напад. Во Тамра, на северот на Израел, локални извори јавија дека 4 жени од исто семејство загинале во еден од нападите.
МДА пријави 140 повредени, од кои некои се во тешка состојба, со напомена дека бројките може да се променат со пристигнувањето на нови податоци.
Цел на нападите биле делови од централниот дел на Израел, вклучувајќи го подрачјето околу Тел Авив, каде што во Бат Јам е директно погодена станбена зграда.
Иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, предупреди дека одговорот на Техеран ќе биде „уште потежок и посилен“ доколку Израел не се повлече. Засега, бројот на жртвите и повредените не е официјално потврден од израелските власти.