Седум планети наредени во линија вечерва ќе бидат видливи на ноќното небо, редок феномен познат како „парада на планетите“, а следниот пат овој феномен ќе биде видлив во 2040 година.
Од јануари на небото со голо око може да се видат Венера, Марс, Јупитер и Сатурн, а со помош на телескоп Уран и Нептун кои од Земјата изгледаат како да се наредени.
Меркур денеска ќе им се придружи на овие небесни тела.
Меркур, Венера, Јупитер и Марс ќе бидат видливи со голо око, Сатурн ќе биде потешко забележлив бидејќи ќе биде ниско на хоризонтот, додека Уран и Нептун може да се видат само со телескоп, пишува Science Alert.
Не е невообичаено неколку планети да се наоѓаат на иста страна од Сонцето во исто време, но поретко е вака да се порамнат повеќето или дури и сите планети.
Секој број на планети од три до осум претставува порамнување, а составот од пет или шест планети е познат како големо порамнување.
Порамнувањата на пет планети се значително почести од шест, а главните порамнувања со седум планети се најретки.
Порамнување на четири или пет планети, видливи со голо око, се случува на неколку години, а кон крајот на август, четири планети ќе бидат видливи одеднаш пред изгрејсонце.