Папата Франциско има билатерална пневмонија, објави Ватикан откако тестовите открија дополнителни компликации во неговата здравствена состојба.
Ватикан соопшти дека респираторната инфекција на папата вклучувала астматичен бронхитис, кој бара употреба на антибиотски третман со кортизон.
„Лабораториските тестови, скеновите на белите дробови и клиничката состојба на папата и понатаму претставуваат сложена слика“, соопшти Ватикан. И покрај тоа, на папата, кому му го отстранија горниот дел од десното белодробно крило кога беше млад, е расположен и е благодарен за молитвите за негово закрепнување, рече портпаролот на Ватикан, Матео Бруни во синоќешното ажурирање за здравствената состојба на папата.
Папата беше примен во римската болница Гемели во прилично добра состојба во петокот кога му се влоши бронхитисот, кој го имаше една недела. Во понеделникот, медицинскиот персонал утврдил дека тој има полимикробна инфекција на респираторниот тракт, мешавина од вируси, бактерии, а можеби и други организми во респираторниот тракт.
По дополнителните прегледи било утврдено дека има билатерална пневмонија за што биле потребни дополнителни лекови, рече Бруни.
Ватикан не даде информации за тоа како папата реагира на лековите што ги прима или дали има треска.