Со изведување на доказите за одбрана што ги предложи првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо денеска во Кривичниот суд ќе продолжи судењето за грабнувањата и за убиствата на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, кои беа извршени на 22 и на 27 ноември 2023 година во околината на Велес и во околината на Скопје. Освен Палевски, обвинети за грабнувањата и за убиствата се и Велибор Манев и Боре Видевски од Велес и Влатко Кешишев од Штип, а Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.
Палевски денеска ќе пушта една снимка од цедињата што како доказ ги достави Јавното обвинителство, а на кои се снимките од движењата на двете возила кои учествувале во кривичните настани – „цитроенот“ на убиениот Панче, со кој е грабната Вања и „рено кангу“, кое го користеле членовите на партијата Десна, чиј претседател беше Палевски. Со снимки од овие цедиња Обвинителството докажа дека „цитроенот“ на 27 ноември, кога е убиена Вања, дошол пред нејзината зграда рано наутро во 6 часот, заедно со „рено кангу“ отишле до местото во околината на Бразда каде девојчето е убиено околу 9 часот, а „цитроенот“ е запален, по што само „рено кангу“ се враќа во седиштето на Десна околу 10 часот. На овие снимки од Сејф сити Обвинителството прикажа и дека „цитроенот“ и во петокот, на 24 ноември бил пред зградата на Вања, кога првично планирале да ја грабнат.
Со снимки од камерите на куќата на Велибор Манев во Велес, пак, Обвинителството докажа како четворицата обвинети се собирале и се подготвувале кај Манев во деновите пред и по двете убиства.
– Во известувањето на СВР Скопје до ОЈО од 12.1.2024 година, како прилог се ставени 70-тина докази. Јас барам од ова известување да се изведе еден фајл, снимка од камерите на Сејф сити, од првото цеде, од камера број 67, од 21 кон 22 ноември на полноќ, кога „кангуто“, според ЈО се наоѓа кај Велибор во двор, а на снимката се гледа дека е во Скопје. Тоа е видео кое не беше презентирано, а го има на цедето. Трае неколку секунди и барам да биде прикажано како доказ – рече Палевски на последното рочиште завчера.
Според снимките од пред куќата на Манев, пак, Палевски и Кешишев дошле кај Манев со „рено кангу“ вечерта на 21 ноември во 22 часот, а со возилото заминале 12 минути по полноќ на 22 ноември. За ова време Палевски тврди дека „кангуто“ се гледа на снимка во Скопје. „Рено кангу“ повторно се појавува пред куќата на Манев утрото на 22 ноември, денот кога е убиен Панче, во 6.38 часот. Во 7.11 минути Манев тргнува пеш во насока во која е куќата на Панче, а по него тргнува „рено кангу“ во кое се Палевски, Кешишев и Видевски.
Освен оваа снимка од Сејф сити, Палевски побара од известувањето на СВР Скопје до ОЈО да се изведат конкретни податоци за двете возила со табела од серверот на Сејф сити за движење на двете возила.
Палевски на последното рочиште се обиде и да го дополни своето алиби за времето на убиството на Вања. Алибито за времето на убиството на Панче претходно му пропадна, затоа што тој тврдеше дека на 22 ноември му поправал котелот на Ерол Османи, а Османи сведочеше дека котелот му го поправал на 28 ноември. За алибито за 27 ноември, пак, Палевски го донесе сведокот Зоран Петковски од Куманово од партијата Десна, кој рече дека комуницирале на таен канал на мрежата Телеграм утрото од 8.20 до 9 часот.
– Ова го знам затоа што на тој ден е роденден на мојата сопруга. Комуникацијата со Палевски беше во раните утрински часови, во време помеѓу 8.20 и 9 часот на таен канал за електронска комуникација преку апликацијата Телеграм. Не ја чувам комуникацијата затоа што каналот е креиран од Палевски и каналот и комуникацијата после 30 минути се бришат – рече сведокот Петковски.
За времето после 9 часот, Палевски се обидува да изгради алиби со одење во банка и приложи уплатница со извршена уплата во 11.40 часот, во Халк банка во Буњаковец. На последното рочиште неговата одбрана побара Судот да ѝ нареди на банката да достави снимки од кои се гледа дека Палевски е внатре во банката и долго време чека ред. Судот го прифати ова барање и најави дека ќе го прибави како доказ видеонадзорот од Халк банка во периодот од 9 до 12 часот во критичниот ден.
Палевски тврди и дека додека чекал ред во банката, еднаш го вратиле од шалтер, па се враќал, стоел и разговарал со извесен професор Мартин Панчевски. Тој Панчевски беше поканет како сведок, но судијата рече дека не е најден на дадената адреса, па ќе биде поканет уште еднаш за рочиштето на 26 март.
Според Обвинителството, по убиството на Вања, Палевски со „рено кангу“ се враќа во седиштето на Десна околу 10 часот. Не е јасно како снимка од банка од 9 до 12 часот ќе му даде алиби на Палевски. Неговата одбрана објаснува дека тој бил во банката многу порано од времето на уплатата, кое е 11.40 часот, односно дека од партијата до банката му треба половина час за да стигне, а во банката долго време чекал ред. Сепак, и да чекал цел час, и да патувал половина час од партијата до банката, овој час и половина не е временскиот период во кој е убиена Вања, туку е по убиството. Палевски имал доволно време да го изврши злосторството и да се врати во партијата до 10 часот.
Судијата Ивица Стефановски ги најави термините за следните рочишта на кои ќе бидат испитани петмината обвинети. Тие термини се 12, 17, 19, 24 и 26 март. Судијата најави дека на денешното рочиште ќе се изведуваат доказите на Палевски, а потоа, без разлика дали изведувањето ќе заврши денеска, од среда ќе се почне со исказите на обвинетите. Прв ќе биде испитан Велибор Манев. Потоа ќе следуваат Боре Видевски, Влатко Кешиев, па таткото на Вања, Алекдандар Ѓорчевски и на крај првообвинетиот Љупчо Палевски.
Со испитувањето на петмината обвинети судењето ќе влезе во кулминација, во „најжешката“ фаза. На првото рочиште сите обвинети се изјаснија дека се невини, а во истражната постапка Манев, Видевски и Кешишев го признаа делото. Во текот на судењето, пак, Кешишев призна што сторил со зборовите „тоа се дела за кои одговарам“ во писмото со кое го негираше своето претходно писмо. Во претходното писмо тој напиша дека Палевски спиел во партијата во времето на двете убиства, но потоа се изјасни дека тоа го напишал под присила од Палчо. Кешишев е тој што ги однел скопските полицајци до телото на Ѓорчевска, а Манев ги однел велешките полицајци до телото на Жежовски.
Јавноста со нетрпение ги очекува испитувањата на обвинетите за убиствата во надеж дека ќе се дознае повеќе за мотивите на грозоморните убиства. Особено што ни малку не е уверена во мотивот кој е изнесен во обвинението дека убиствата се извршени од користољубие – Панче е убиен за да му се одземе возилото, а Вања е грабната со цел за неа да биде баран откуп од семејството. Ова особено „не држи вода“ затоа што убијците не побарале откуп за Вања и не ја однеле на место каде што ќе ја чуваат до откупот, туку среде ливада со ископана дупка и ја убиле околу час и половина по грабнувањето. Јавноста не е уверена и дека таткото Александар има врска со грабнувањето на неговата ќерка, а обвинителството во текот на постапката не понуди уверливи докази за неговата вина.
Од сведочењата на обвинетите јавноста очекува да дознае детали кој ги предложил злосторствата, како ги планирале, што им била намерата, како се грабнати Панче и Вања, зошто е убиени, од кого планирале да бараат откуп за Вања, какви им биле намерите откако евентуално ќе го добијат откупот итн.