Од денеска се очекува да поевтинат над 1000 прехранбени и непрехранбени производи откако во Службен весник се објавени одлуките на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите до 30 април.
Производите во маркетите треба да бидат означени со „Помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Лебот, брашното, млекото, јогуртот, киселото млеко, јајцата и маслото за јадење имаат замрзнати цени. До крајот на април ќе чинат исто како и на први февруари. За овие производи маржата е ограничена на 5%.
Маржа од 10% ќе се пресметува за месото и месните преработки, за шеќерот, оризот, гравот, за тестенините, за сирењето, кашкавалот, маргаринот, путерот, кафето, соковите, конзервирниот зеленчук и овошје, како и за одредени алкохолни пијалаци.
На дел од свежото овошје и зеленчук ќе се пресметува маржа од 15%. Истата маржа ќе се пресметува и за средствата за лична хигиена и бебешката храна.
Владата очекува цените на производите опфатени со мерките да се намалат за најмалку 10%.
Паралелно со одлуката за ограничување на маржите и за замрзнување на цените, трговците од Владата добија обврска во маркетите да обезбедат најмалку 70% од количината на продуктите во јануари.
Казните за утврдените неправилности се движат до 20.000 евра.
Вчера реагираа трговците кои побараа повторна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки.
Според нив, со владините одлуки нема да бидат опфатени 1000 производи, туку од 3000 до 4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко, како и производите како што се детергентите и сапуните.
Одлуките на Владата ги оценија како избрзани и посочија дека со нив се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти.