Оваа недела ќе ги има шесте биолошки лекови што недостигаа за пациентите од Клиниката за онкологија

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Оваа недела ќе ги има шесте биолошки лекови што недостигаа за пациентите од Клиниката за онкологија, потврди министерот за здравство, Арбен Таравари. И директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, соопшти дека дефицитот наскоро ќе биде решен – за дел со донации, а за дел од лековите со анекси на договорите во јавните набавки.

Во изјава за медиумите Таравари рече дека нема недостиг на целата онколошка терапија туку дека „90% од лековите, што се користат како онколошка терапија, ги има во Клиниката за онкологија“.

– Недостасува само биолошка терапија и тоа само 6-7 дена. Се надевам дека оваа недела Клиниката за онкологија ќе биде снабдена со биолошка терапија. Ние досега сме имале дури повеќе биолошка терапија одошто минатите години. Меѓутоа, побарувањата од пациентите се многу поголеми, затоа веќе имаме протоколи и конзилиум од доктори, бидејќи навистина е луксузна и не треба да се даде баш секаде, туку таму каде што е индицирано и таму каде што лекарскиот конзилиум ќе одлучи дека треба да се даде биолошка терапија. Уште еднаш да повторам – лекови има, не дека недостигаат сите лекови, и во текот на оваа недела повторно ќе има биолошка терапија на Онкологија – изјави Таравари пред настан по повод завршување на проектот за имплементација на „Стратегијата за здравство 2021-2030“.

Министерот додаде и дека покрај другите клиники и болници каде што ќе биде распределен кадарот за кој има одобрение за вработување, во посебен фокус е Клиниката за онкологија, за која се планира и реорганизација, односно децентрализација во третирањето на пациенти со карцином.

– Интензивно работиме „8 Септември“ набргу да почне да функционира со цел да има помалку пациенти во Клиниката за онкологија. Штип, Тетово и Битола функционираат. Ние во овој период веќе размислуваме и да се реорганизира Клиниката за онкологија, да функционира слично како Токсикологија. Дирекцијата да биде единствена и директорот да може да ги управува сите подединици кои ќе бидат во градовите каде што може да се подели или да се ординира онколошката терапија. Со тоа ја реализираме нашата цел да има децентрализација и во онкологијата – рече Таравари.

И директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, рече дека „се завршуваат и ќе бидат многу брзо решени“ биолошките лекови што деновиве недостигаат.

– Токму сега доаѓам од состанок со директорот на Клиниката. Еден дел ќе бидат решени со донации, кои ќе се реализираат во текот на неделата, бидејќи лековите се присутни и ги има на залиха во Македонија, дел ќе бидат со анекси на договорите и тоа го расчистуваме денеска и утре со јавните набавки. Така што, мислам дека критичните лекови ќе бидат многу брзо достапни – истакна Клековски.

Директорот на Фондот кажа и какви промени планираат за да се најде долгорочно решение за дефицитот на лекови за пациентите од Онкологија.

Тој соопшти дека во моментот работат на план, кој наскоро ќе го објават, почнувајќи од дијагностиката. Во разговор со Институтот за патологија и со ПЕТ-центарот, тие разгледуваат како да се скрати времето на дијагностика за, како што рече, „сите тие милиони, што ги инвестираме во посебно скапа терапија, да имаат некаква смисла“.

– Тоа значи доекипирање на патолошки лаборатории надвор од Скопје, зголемување на капацитетот на ПЕТ-скен, забрзување на постапките. Она што ќе го направиме во терапевтскиот дел е зголемување на основниот буџет за речиси 40-50%, тоа треба да биде одобрено оваа недела. И тоа ќе биде значајно отскокнување, некои од критичните лекови ќе бидат зголемени двапати – од 3.000-3.500 вијали на 6.000-7.000 вијали годишно, посочи Клековски.

- Advertisement -
Ad image

Како што тој рече, ќе мора да се разгледа и децентрализацијата на терапијата и дел од таблетарната да биде на позитивна листа за да може да се подига надвор од Онкологија, а ќе бараат начин, рече, како дел од биолошката терапија да се доделува надвор од Клиниката за онкологија.

– Ние имаме онколошки одделенија во „8 Септември“, во Штип, Битола и во Тетово, кои во овој момент не третираат со биолошка терапија. Или ќе третираат или нема потреба да имаме онколошки одделенија што не работат. Мислам дека заедно, со подобрување на Регистарот на пациенти за да се обезбеди една предвидливост на промените, ќе ја стабилизираме ситуацијата – додаде Клековски.

Share This Article