Отровно растение, по потекло од Америка, кое е забележано кај Неготино, може да предизвика сериозни еколошки последици поради неговата инвазивност

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Отровно растение, по потекло од Америка, кое е забележано кај Неготино, може да предизвика сериозни еколошки последици поради неговата инвазивност.

Како што објаснуваат еколозите, опасното растение може да влезе во лозјата и во другите полиња со житни култури, што може да го намали приносот, а може да се случат и труења на добитокот и на другите тревопасни животни доколку го изедат ова цвеќе.

Неодамна, еколошкото здружение „Ековита“ предупреди дека отровно растение е забележано кај Неготино. Растението, по потекло од Америка, особено карактеристично за државата Тексас, е познато и како сребренолисна ноќница (Solanum elaeagnifolium).

Ова растение е многу отровно за луѓето и за добитокот, а може да предизвика и сериозни проблеми во земјоделството.

Сребренолисната ноќница цвета од април до август и има мали боцки по стеблото, а таа сега првпат е забележана во Тиквешијата. Освен во Неготино, сребренолисната ноќница е видена и во Кавадарци. Се претпоставува дека растението дошло во Македонија преку семки, пренесени со камиони од Грција, објаснува за Плусинфо биологот Сашко Тодоров од еколошкото здружение „Ековита“ за Плусинфо.

Видовите од југот можат да предизвикаат еколошки штети

Многу инвазивни растенија и животински видови се движат кон северот бидејќи температурите на југот се премногу високи. На север тие имаат попогодна клима, а и услови за размножување, но исто така, тука нема предатори кои можат да го регулираат нивното размножување како во местата од каде што потекнуваат. Овие места се одлични за да се размножуваат брзо и агресивно. Таков пример е и шимшировиот молец.

Сашко Тодоровпретседател на еколошкото здружение „Ековита“

Тодоров објаснува дека многу растенија и животни кои не се домородни во овој регион, како сребренолисната ноќница и како шимшировиот молец, можат да бидат штетни за екосистемот во регионот.

Тие, како што посочува, директно ѝ штетат на локалната флора и фауна, а тука не постојат предатори кои можат да ги истребат или да го регулираат нивното размножување.

– Ова растение (сребренолисната ноќница) е агресивно и инвазивно, нешто што може да биде огромен проблем за земјоделието и да предизвика сериозни еколошки и економски штети. На пример, тоа може да влезе во полињата со памук или во лозјата, а со тоа да предизвика помал принос поради неговото агресивно размножување. Уште поголем проблем е тоа што со жнеењето, сребренолисната ноќница се суши заедно со другите растенија и житарки, а стоката и другите тревопасни животни можат да го изедат ова растение. Во мали количини предизвикува само дијареа, но во поголеми количини животните можат да добијат сериозно труење. Сребренолисната ноќница моментално расте меѓу лозјата, но ако влезе во нивите, тоа може да биде катастрофално – потенцира Тодоров.

Тој предупредува дека на северот се населуваат многу животни и растенија кои претходно живееле во јужните краишта.

- Advertisement -
Ad image

– Друг еколошки проблем се климатските промени. Многу инвазивни растенија и животински видови се движат кон северот бидејќи температурите на југот се премногу високи. На север тие имаат попогодна клима, а и услови за размножување. Тука нема предатори кои можат да го регулираат нивното размножување за разлика од местата од каде што потекнуваат. Овие места се одлични за да се размножуваат брзо и агресивно. Таков пример е и шимшировиот молец – додава Тодоров.

Инаку, шимшировиот молец е штетен за шумите и тешко се истребува, а регионот се соочуваше со големи проблеми, предизвикани од овој инсект, пред неколку години.

Што може да се преземе?

Тодоров потенцира дека тој веќе има искуство со ова растение бидејќи го следи подолго време, а неговите убави цветови лесно може да залажат многумина да го засадат.

- Advertisement -
Ad image

– Јас го следам ова растение 5 години, најдолго во Грција, пред сѐ поради убавите цветови.  Есента го забележав во Неготино, а тоа веројатно било пренесено со камиони од Грција. Растението има прекрасни цветови, па една жена дури и го засадила дома откако го нашла, не знаејќи дека е отровно. Затоа упатуваме апел до јавноста, секој што ќе го забележи ова растение во Македонија, веднаш да го извести здружението – предупредува биологот.

Досега ова растение е забележано во Кавадарци и во Неготино. На границата со Грција, кај Гевгелија, објаснува Тодоров, проблемот е најголем бидејќи ова растение е многу намножено и тешко се искоренува.

– Некои тврдат дека сребренолисната ноќница е забележана и во Струмица, но сѐ уште нема докази за тоа – вели Тодоров за Плусинфо.

Тодоров контактирал со специјалист за инвазивни растенија, па известува дека набргу жариштата од растението ќе се искоренат, но во моментов се чекаат препораки за хербициди од специјалистот.

Тодоров планира да почне мапирања на сребренолисната ноќница, прво тука, па во Грција.

Share This Article