Осудениот рапер Ар Кели е итно префрлен во болница откако се предозирал со таблети во затвор.
Ар-ен-би ѕвездата се предозирал откако затворскиот персонал му дал лекови, изјави неговиот адвокат во судскиот поднесок.
Кели во моментот отслужува 30-годишна затворска казна за рекетирање и трговија со луѓе откако беше разоткриен како сериски сексуален престапник за време на движењето #MeToo.
Да потсетиме, американскиот суд ја потврди казната од 20 години затвор за раперот Ар Кели за сексуално злоставување деца, објави „Гардијан“. Тој беше прогласен за виновен по три точки од обвинението за детска порнографија и три точки од обвинението за наведување малолетници на сексуален однос.
Поротниците го ослободија по седум од 13-те точки од обвинението дури и откако ги прегледаа снимките од злоупотребата. Тој беше ослободен од вината по четвртата точка од обвинението за детска порнографија, по три точки за заговор со цел примање детска порнографија, по две точки за наведување малолетник на сексуален однос, а поротата пресуди и дека тој не ја попречувал правната постапка што се водеше против него во 2008 година, исто така за детска порнографија.
Да потсетиме, во јуни 2022 година, по повеќе од две децении обвинувања за сексуална злоупотреба и поткуп, Кели беше осуден на 30 години затвор за водење мрежа за проституција и рекетирање.
Судијката Ан М. Донели го осуди и покрај барањето на неговите адвокати да биде осуден на 10 години затвор. Кели дозна за својата казна откако неговите жртви опишаа како ги напаѓал и ги заведувал обожавателките. Девет жени и двајца мажи детално опишаа како Ар Кели сексуално ги злоупотребувал и понижувал.
Пејачот беше прогласен за виновен во 2021 година, а сведоците рекоа дека жртвите се надевале дека тој ќе им помогне во нивните кариери, додека всушност барал апсолутна послушност од нив.