Цените на криптовалутите денеска забележаа остар пад, при што биткоинот достигна најниско ниво во последните три недели, а етереумот падна на најслабата вредност од септември, додека загриженоста за можен глобален трговски конфликт ги турка инвеститорите кон помалку ризични вложувања.
На азиските пазари во денеска наутро, биткоинот падна на 94.476 долари, а во еден момент достигна тринеделен минимум од 91.441 долари. Етереумот загуби околу 24% од својата вредност, спуштајќи се на 2.494,33 долари.
Овој пад доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп за време на викендот воведе царини од 25% за увоз од Мексико и Канада и 10% за производи од Кина, мерки што стапуваат во сила од утре.
Канада и Мексико веднаш најавија контрамерки, а Кина соопшти дека ќе ги оспори американските царини пред Светската трговска организација.
Криптовалутите се тргуваат 24 часа дневно, вклучително и за време на викендите, и нивните цени се чувствителни на пошироките пазарни трендови. Инвеститорите стравуваат дека царините може да го забават економскиот раст и да ја зголемат инфлацијата.
Биткоинот на 20 јануари достигна рекордна вредност од 107.071 долар, кога Трамп положи заклетва како 47. претседател на САД, што беше 40 отсто повисока вредност во споредба со ноемвриските избори, поради надежите дека неговата администрација ќе биде попријателски настроена кон криптовалутите.
Иако во минатото Трамп ги нарекуваше криптовалутите „измама“, за време на кампањата ги поддржа, велејќи дека сака САД да стане „крипто-престолнина на светот“. Минатиот месец тој нареди формирање работна група за креирање нови прописи за дигиталните средства и разгледување на можноста за создавање национални крипто-резерви.