Уставниот суд поведе постапка за оцена на уставноста на измените на Изборниот законик, според кои се зголемува прагот за поднесување независни кандидатски листи. Одлуката беше донесена со мнозинство гласови, а како што изјави претседателот на судот, Дарко Костадиновски, измените може да ја нарушат темелната вредност на владеењето на правото, политичкиот плурализам и принципот на еднаквост на граѓаните.
– Станува збор за сомнеж на Уставниот суд во уставноста на измените од аспект на владеењето на правото, политичкиот плурализам и еднаквоста на граѓаните. Овие измени може да го ограничат пристапот на граѓаните до јавни функции – изјави Костадиновски.
Според него, оваа одлука е значајна бидејќи Уставниот суд, по подолго време, почнал да ја разгледува формалната уставност на законите, вклучително и начинот на нивното донесување.
– Досега судот го оценуваше само бројот на гласови потребни за носење на законите, но со оваа одлука влеговме подлабоко во процедурата – нагласи Костадиновски, додавајќи дека законодавниот процес мора да биде транспарентен и да ги почитува правните принципи.
Според иницијативата што ја разгледува судот, измените на Изборниот законик значително го зголемуваат прагот за поднесување независни граѓански листи на 1% од гласачкото тело. Подносителите на иницијативата тврдат дека тоа ги става независните кандидати во нееднаква положба во однос на политичките партии, кои можат да поднесат листи со само 1000 собрани потписи.
Дополнително, спорно е што измените биле донесени во скратена и нетранспарентна постапка, без консултации со јавноста или експертска расправа.
– Овие измени ја нарушуваат правната сигурност и предвидливост. Според меѓународните стандарди, не се препорачува суштински измени на изборното законодавство најмалку една година пред избори – истакна Костадиновски.
Одлуката на Уставниот суд може да влијае врз идните изборни процеси, доколку се утврди дека измените не се во согласност со Уставот.