Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека сака да се пресели од таборот на „бунтовниците“ во таборот на „победниците“, против, како што рече, „либералната империја“, сето тоа благодарение на поддршката на американскиот претседател Доналд Трамп.
– Борбата продолжува – рече Орбан, кој со години е во несогласување со лидерите на Европската унија (ЕУ) и американската администрација на поранешниот претседател Џозеф Бајден.
– Сепак, постои важна разлика. Овојпат целта не е да се надмудрува, да се преживее, туку да се победи. Се побунивме, сега сакаме да победиме – рече Орбан во својот говор за состојбата на нацијата.
– Од перспектива на Унгарија, за време на битката на Давид против Голијат, дојде братот на Давид, кој се чини дека е прилично крупен човек – додаде Орбан, алудирајќи на Трамп.
Орбан рече дека подготвува нов закон во наредните недели „за борба против невладините организации кои им служат на странски интереси“ и вети дека ќе испрати пратеник во САД за да собере докази за наводното странско мешање во Унгарија.
– Американците открија целосно корумпирана и репресивна машина на моќ која испумпуваше милијарди од американскиот буџет за да купи новинари, судии, политичари, фондации, огромна машина што спроведе либерална диктатура на мислата и политичка репресија низ западниот свет, вклучително и Унгарија – рече Орбан.