Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека војната во Украина е при крај и дека Будимпешта никогаш нема да гласа Украина да стане членка на ЕУ бидејќи тоа би било против интересите на Унгарија, пренесува Ал Џезира. Во својот годишен говор тој се осврна и на конфликтите во Украина, нагласувајќи дека не се работи за војната, туку за она што следува по неа.
– Војната е при крај. Ова всушност не е за Украина, туку за војна за територија наречена Украина, која беше зона на конфликт меѓу НАТО и Русија, која беше под надзор на НАТО – рече Орбан, додавајќи дека не разбира зошто европските и американските либерали мислат дека „Русите ќе го гледаат ова без работа“.
Орбан нагласи дека Унгарија никогаш нема да гласа за Украина да стане членка на ЕУ, објаснувајќи дека тоа ќе биде закана за унгарските земјоделци и за целата унгарска национална економија.
– Украина никогаш нема да биде членка на ЕУ, тоа би било спротивно на интересите на Унгарија и нејзините граѓани – рече Орбан.
Меѓу другото, Орбан истакна дека Американците сега ги извадиле „скелетите од плакарот“ и ја разоткриле длабоко корумпираната и репресивна машина на моќ која пумпала милијарди од американскиот буџет во псевдо-граѓанските организации, купувала новинари, судии и обвинители, политичари, фондации, бирократи кои, како што рече, се „огромна машина која управувала со либералниот политички печат во светот“.
Тој смета дека целта на оваа машинерија е да ги угнетува нациите.
– Империјата има две глави и централа. Една глава е во Вашингтон, една во Брисел, а кешот на Сорос е тука во Будимпешта – изјави тој и нагласи дека ова е моментот кога „ние Унгарците сега… треба да си мислиме на нашата работа“.
Орбан најави дека Унгарија ќе испрати претставник за да ги собере сите податоци за овие организации поврзани со Унгарија и дека потоа „ќе ја расчисти ситуацијата во рок од 20 недели“. Тој спомна дека ќе бидат потребни уставни и законски измени за да бидат забранети овие организации во Унгарија.