Ете, драги граѓани, откако со судна мака напредувавме еден сантиметар кон ослободување на државните институции од канџите на “Охрид Трчат”, сега истите тие институции гордо се претворија во новиот Сизиф – со камен на грбот се борат да опстане ова специјално “здружение на искусни тркачи”.
Ни објаснуваат дека од 30 МАЈ до 1 ЈУНИ половина Охрид ќе биде блокиран! Велат: спортска манифестација! Патриотизам! Здравје! А ние наивните си помисливме дека улиците се за сите граѓани, а не за привилегирана група што има волшебни дозволи за блокирање на патишта, раскрсници и булевари.
Колку повеќе блокираш, толку повеќе твоето конто расте – што е сега тоа некаква нова математичка формула? Дали ваква равенка пишува во некој службен весник што ние обичните смртници не сме го прочитале?
А институциите? Ох, тие се толку зафатени со давање “амин” на овие блокади што едноставно немаат време да го истражат она што го нарекуваат “криминал”. Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици веројатно веќе го подготвува црвениот тепих за следната манифестација на “Охрид Трчат”. Можеби следниот пат ќе им дозволат не само да блокираат улици, туку и да наплаќаат патарина?
И што со судирот на интереси? Ах, тоа е само мит, некаква измислица од стари правни книги! Во Охрид очигледно имаме сопствена верзија на законот – “Лекс Охрид Трчатикус” – каде што судирот на интереси е само една фуснота што никој не ја чита.
Додека обичните граѓани на Охрид мора да бараат дозвола и за да постават саксија пред зградата, господата од “Охрид Трчат” добиваат клучевите од градот на три дена. Прашањето не е колку брзо тие трчаат, туку колку брзо институциите бегаат од својата одговорност!