Министерството за финансии преку националните структури што управуваат со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија донесе одлука за привремен прекин на исплатите од ИПАРД-програмата. Одлуката доаѓа по серијата настани поврзани со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, во која се води истрага за корупција и злоупотреби на европски фондови.
Од Министерството соопштуваат дека Европската комисија била веднаш информирана, а Брисел ја поздравил реакцијата на македонските институции.
– Целта на овој чекор е да се обезбеди уверување дека системот функционира со целосна законитост и регуларност на исплатите од ИПАРД, како и да се зајакнат мерките за заштита од измами и корупција – велат од Министерството за финансии.
Во моментов, Националните структури за управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот спроведуваат внатрешни проверки и ревизии со цел утврдување на можни пропусти.
Според податоците, Македонија има децентрализирано управување со европските фондови од 2009 година, а ваквиот потег се смета за дел од мерките за одржување на довербата во системот.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, изјави дека Европската комисија нема донесено одлука за блокада на средствата од ИПАРД-програмата, туку напротив, ја поддржува транспарентноста на македонските институции.
– Брисел нема никаква најава за блокада на ИПАРД-средствата. Напротив, борбата што ја водиме против корупцијата и проверките што ги правиме во Агенцијата се поздравени од Европската унија – изјави министерот.
Тој додаде дека по акцијата на полицијата и Обвинителството, започнале детални проверки на функционирањето на Агенцијата за финансиска поддршка, особено во делот на исплатите и контролите на апликантите.
– Ќе се преземат активности за зајакнување на контролните механизми и транспарентноста во исплатата на ИПАРД средствата. Во најбрз можен рок ќе биде назначен нов директор на Агенцијата за да се обезбеди нормално функционирање – рече Трипуновски, додавајќи дека Владата останува решена да ја спроведе „борбата против корупцијата до крај“.
Во меѓувреме, Основниот кривичен суд Скопје определи мерка притвор за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, како и за уште четири лица.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) ги товари осомничените за примање поткуп и противзаконско влијание. Според истрагата, Стоилев бил уапсен „на дело“ по пријава дека примил 400 евра мито, како дел од договорено 50.000 евра за доделување на финансиска поддршка преку ИПАРД-програмата.
Меѓу осомничените се и службеници од Министерството за земјоделство и УЈП, кои, според обвинението, го искористиле службеното влијание за да помогнат на фирма што не ги исполнувала условите од јавниот повик.
Обвинителството оцени дека постои опасност од бегство и влијание врз сведоци, па судот им одреди притвор од 30 дена на четворица од осомничените, додека една од лицата доби куќен притвор.
Истражителите на ОЈО-ГОКК и полицијата извршија претреси на повеќе локации, при што беа пронајдени докази поврзани со нелегалното доделување на европски средства.




























