Со свечена академија „Охридска музичка антологија“ што се одржа во ЦК „Григор Прличев“ вчеравечер започнаа чествувањата по повод 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид.
Пред своите сограѓани се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
– Во предвечерието на 7 Ноември по 81 пат прославуваме за слободата на нашиот чудесен Охрид, славиме за едно големо време и едни големи луѓе кои со живот ја заработија слободата во која денес ние живееме.
Чествувајќи го денешниот ден, како празник на нашиов Охрид, уште еднаш го исполнуваме аманетот со крв испишан од партизаните.
Славејќи ја нивната жртва за слободен град , уште еднаш потврдуваме дека нашиот народ има сила да чекори кон вечноста!
Денеска срцaтa на охриѓани чукаат посилно од кога и да е, кога можеме гордо, во слобода, да се сетиме на заветот на младите борци срочен во синтагмата: „СЛОБОДА ИЛИ СМРТ!“.
Ваквиот цврст став на нашите борци е клучот за опстанокот и надминувањето на сите обиди за згаснување на македонскиот национален идентитет.
Херојската и безрезервна борба за основни права и светла иднина не познава никакви граници.
Денес славиме за хероите на претходното, наше и идно време. Јасна Ристеска, Андон Дуков, Петре Пирузе, Момчило Јорданоски, Кирил Главинчев се само дел од плејадата млади охриѓани кои никогаш нема да бидат однесени во заборав, затоа што нив им ја должиме слободата. На овој ден, славиме и за оние без кои големите револуционери не би можеле да ја водат битката за Охрид. Тоа се
мажите, жените, па дури и децата, кои со својот придонес ја поддржале македонската борба за права и еднаквост со останатите народи, со кои рамо до рамо се боревме во антифашистичката војна.
Само синови и ќерки на Македонија можат да истраат тогаш кога е тешко. Само тие можат да дадат се од себе, бидејќи станува збор за нивните домови и семејства, за нивната земја!
Новото време раѓа нови борци кои со интелект и ителектуалност војуваат за подобар економски статус, живот и напредок на своите сограѓани.
Денеска во слободен Охрид се бориме за подобар животен стандард на сегашните и идни генерации. Инфраструктурно го разубвуваме градот. Градиме нови детски градинки, училишта плоштади. Се грижиме да го сочуваме и разубавиме она што во традиција се предавало од поколенија во поколенија.
Нашиот чудесен Охрид, градот на УНЕСКО со прекрасното езеро, со климентова и самоилова традиција, одамна е мека за илјадници туристи од цел Свет, а работиме нивниот број постојано да расте.
Ние сме еден прекрасен мозаик на добри луѓе со различна етничка и верска припадност кои негуваме прекрасен соживот и и уживаме во различностие кои ја градат нашата целина.
Ншите херои од НОВ се добар пример кој не води во животот. Сеќавајќи се за сите оние кои не прашувале за цена, за ризик или за смрт сваќаме во колку подобра положба сме биле од нив.
Затоа на овој ден, им изразуваме почит и се поклонуваме пред нивните дела, кои ја овозможија иднината која ние ја живееме, а за која тие сонуваа.
На знајните и незнајни херои од епската ера од Народно ослободителната ера- Слава им!Нека е вечен и од Бога благословен нашиот убав град Охрид!- рече градоначалникот Пецаков.
На свеченоста се обрати и Претседателот на охридскиот музички еснаф, Венко Пашоски по што следеше културно –уметничка програма. Актерот Жарко Спасовски изведе монолог „Гласот на борците“, а се одржа и концерт на охридскиот музички еснаф „Охридски музички времеплов“. Настапија музичките изведувачи Ефто Пупиноски, Митко Колјушевски, Мишко Србиноски, Ристе Наумовски, Петар Трајановски, Милован Секулоски, Кирил Белистојановски, Владо Костоски, Игор Бежаноски, придужувани од оркестарот на Ангел Трајковски –виолина, Ристе Довлев- Виолина, Бранко Тасески –виолина, Петар Паскали –виолина, Тони Вретоски –прим, Венко Пашоски –прим, Скендер Дучи –ут, Петар Кочовски –хармоника, Кирче Аслимоски-хармоника, Климент Петрески –гитара, Климент Малчески –контрабас, Јован Пазаркоски- акустична гитара, бас, Христијан Чавкоски –бас, Вања Танкоски –перкусии, Оливер Костевски-перкусии
Во рамки на свечената програма вчера попладне во куќата на Робевци беа отворени уметничките изложби на слики и мозаици од академските уметници Славко и Никола Упевче.
Чествувањата за празникот продолжуваат денеска со полагање цвеќе пред спомен обележјата на борците во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и пред спомен обележјето на Јасна Ристеска во с. Рамне. Утре со свеченост своите патрони празници ќе ги одбележат ЈП „Охридски Комуналец“ и детската градинка „Јасна Ристеска“.












































