Скопје од денеска е директно поврзано со шпанската престолнина Мадрид — нова авиолинија која, според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, е дел од стратегијата за развој на воздушниот сообраќај и зголемување на туристичкиот потенцијал на Македонија.
На свеченото означување на првиот лет присуствуваа вицепремиерот Николоски, амбасадорот на Шпанија во Македонија Рафаел Сориано Ортиз и генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
– Многу ми е драго што денеска почнува директна линија меѓу Скопје и Мадрид. Поврзуваме два главни града — нешто што е многу значајно за развојот на туризмот, бизнисот и културната размена помеѓу нашите народи – изјави Николоски.
Тој нагласи дека Владата заедно со ТАВ изработила нова стратегија за отворање на дестинации и вовела иновативен модел на субвенционирање, со зголемени стимули за авиокомпаниите кои носат патници во земјава.
– Субвенциите по патник на скопскиот аеродром изнесуваат 9 евра, а на охридскиот 12 евра, со што директно го поттикнуваме доаѓањето на туристи во Македонија. Ги укинавме и претходните ограничувања што ги обесхрабруваа авиооператорите – рече Николоски.
Бројките, според него, се повеќе од охрабрувачки.
– Во периодот јануари–октомври бележиме раст од 7% на двата аеродрома, со вкупно 2.862.677 превезени патници — повеќе од бројот на жители во државата – вели вицепремиерот.
Само во последната година, Владата и ТАВ отворија 21 нова авиолинија кон европски градови како Париз, Истанбул, Барселона, Лион, Амстердам, Женева, Келн, Прага, Милано, Базел, Штутгарт и други.
– Сакам да се заблагодарам на директорот на ТАВ и на амбасадорот на Шпанија. Мадрид и Барселона нема да бидат последни шпански дестинации што ќе се поврзат со Македонија – најави Николоски.
За амбасадорот на Шпанија Рафаел Сориано Ортиз ова е историски ден бидејќи, потенцираше, првпат двата главни градови се поврзуваат со директен лет.
Ја истакна важноста и на неодамна воспоставнета авилинија со Барселона и порача дека поврзувањето е предуслов за подобрување на билатералните односи помеѓу двете земји.
– Убеден сум дека овој нов лет ќе биде многу успешен и ќе биде пресвртница во размената во туризмот, економијата, културата и ќе биде предуслов за поврзување на нашите две земји, рече амабасадорот Ортиз.
Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, нагласи дека со оваа авиолинија, Скопјe и Мадрид стануваат поблиски од кога било, а Македонија и Шпанија ги зајакнуваат дипломатските и економските врски, што претставува огромна можност за сите.
– Од денес Мадрид, една од најпосакуваните дестинации на нашите патници, е реалност, и тие ќе можат да уживаат во градот на уметноста, музиката, животот, плоштадите и терасите. Дом на познатиот музеј Прадо, Кралската палата, стадионот Сантијаго Бернабеу, но и на луѓето познати по својата топлина и гостопримство – рече Курт.
Тој посочи дека оваа авиолинија, како и четирите нови што почнаа да сообраќаат овие денови, се доказ дека поврзаноста на Македонија со Европа се зголемува.
– Со зимскиот ред на летови, применлив од изминатиот викенд, Меѓународниот Аеродром Скопјe е поврзан со вкупно 49 редовни дестинации во текот на целата година и 13 чартер летови. За нас во ТАВ Македонија, секоја нова дестинација значи повеќе можности за нашите патници, за туризмот и економијата, но и за нови пријателства меѓу луѓето – истакна Курт.




























