Од 11 до 13 јули, таму каде што облаците се допираат со оџаците на куќите, а ехото го носи звукот на зурли и тапани, Галичник повторно ќе стане центарот на македонската традиција. Под сенките на Бистра, една од највеличествените културни манифестации – Галичката свадба, ќе ги отвори вратите на вековната убавина и обичаи пред илјадници посетители од земјата и од странство.
Овојпат, Јован Филипоски, потомок на галичкото семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска ќе ги сторат венчалните обреди токму по чекорите на предците.
– Уште како дете сонував еден ден да бидам дел од Галичка свадба. Тоа е многу повеќе од свадбарски обичај – тоа е љубов, идентитет и исконска гордост – вели Јован.
– Чувството кога облекуваш автентична носија и кога чекориш низ истите патеки по кои чекореле генерации пред тебе е неописливо. За нас ова е завет и голема чест – додава Лилјана.
Гостите за време на тридневната програма ќе бидат сведоци на автентични ритуали – носии, песни, свадбарски ора, бајраци, обредни качувања по стрмните улици…
Галичката свадба – повеќе од настан, тоа е културен завет
Организатор е Месната заедница „Галичник“, чиј претседател Огнен Караѓозовски, честитајќи им на годинашните младенци, порача:
– Продолжуваме со посветеност да ја чуваме оваа ретка традиција жива. Радува фактот што секоја година се зголемува интересот кај младите генерации да бидат дел од Галичка свадба. Тоа за нас претставува најсилен доказ дека обичаите и културното наследство се темел на нашиот идентитет, сегашност и иднина. Благодарни сме на институциите и големиот број компании чија поддршка има пресудно значење за организирањето и одржувањето на атрактивноста на манифестацијата.
Партнерството што трае половина век – Пивара Скопје и СКОПСКО повторно во Галичник
– Чест ни е што и оваа година сме дел од Галичка свадба – симбол на љубовта, заедништвото, автентичната традиција и култура. Повеќе од половина век ја делиме оваа приказна со генерации младоженци, нивните семејства и големиот број посетители на овој настан, со кои нè врзуваат исти вредности: почитување на културното наследство, меѓусебна поддршка и создавање искуства кои зближуваат. На Јован и на Лилјана им посакуваме многу здравје, среќа и бериќет – нека нивната љубов биде долготрајна, како и нашето партнерство со Галичка свадба“, изјави Марија Мининчиќ – менаџерка за партнерства со заедницата во Пивара Скопје.
Покровители и безбедност
Годинашната манифестација е под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а поддршката од Министерството за култура и туризам дополнително ја зацврстува нејзината важност како национално културно богатство.
Воедно, организаторите најавија посебен сообраќаен режим во селото, како и апел за одговорно однесување, особено во однос на консумирањето алкохол и грижата за природната околина.
Програмата на Галичка свадба 2025 – традиција преточена во спектакл
Годинешната „Галичка свадба“ ќе се одвива во три дена, исполнети со богата програма која ја оживува вековната традиција на мијачкиот крај. Тридневната манифестација ќе започне во петок, 11 јули, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, што ќе биде изведена на мијачки дијалект. Потоа ќе следува забава со диџеј сет за помладите посетители.
В сабота, на 12 јули, започнуваат свадбарските обичаи, со пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро. Особено впечатлив момент ќе биде изведбата на ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ – од страна на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред прочуената чешма Упија. Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите, со борини и факели во рака, ќе оди да полни вода од прочуените три чешми во селото: Секуличе, Динговиче и Упија – обичај поврзан со семејната среќа.
В недела, 13 јули, денот ќе започне со традиционалните „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, во чии рамки е и прочуениот обичај „гледање низ прстен“. Потоа следуваат испраќањето на невестата и дарувањето, како и венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболичното затворање на свадбената церемонија.
Целата програма, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видео-екран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние кои немаат можност да бидат физички присутни на настанот.