По барање на Основното јавно обвинителство Битола, во Србија е замрзнат имот поврзан со фирмата „Марковски Компани“, чиј сопственик е Борче Марковски, осомничен за злоупотреби во тендери во РЕК Битола.
Станува збор за 10 нови товарни и приклучни возила, набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград, за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со осомничениот Марковски. Обвинителството утврдило дека возилата се набавени како посредна имотна корист од кривичните дела кои се предмет на тековната истрага.
– Од српските органи побаравме итна мерка за забрана на располагање со возилата и за обезбедување на сефот што го поседува осомничениот во една белградска банка – соопштија од ОЈО Битола.
Српските органи веднаш постапиле по барањето и издале наредби за замрзнување на целиот наведениот имот.
Покрај странскиот имот, во државава се замрзнати околу 30 милиони денари од сметките на Борче Марковски и неговата фирма. Обвинителството побара и забрана за располагање со три стана во Скопје, градежна парцела, гаража и неколку возила, за кои постои сомнение дека се стекнати со незаконска добивка.
– Оваа мерка е насочена кон спречување на понатамошно прикривање или пренос на имот кој може да биде предмет на конфискација во иднина – велат од Обвинителството.
Инаку на барање на Основното јавно обвинителство Битола судијата на претходна постапка на осомничениот сопственик на фирмата „Марковски Компани“, Борче Марковски, му е определена мерка притвор.
„Обвинителството вложи жалба на одлуката на судот за куќен притвор и побара затворски притвор со цел да се обезбеди присуство на осомничениот во текот на постапката“, соопштија од ОЈО Битола.
Обвинителството претходно спроведе истрагата во која се опфатени осум физички лица и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Петмина службени лица, меѓу кои и поранешниот директор на Комбинатот, како и раководители во ПЕ Рудници, се сомничат дека злоупотребиле службена положба за да му овозможат противправна корист на приватната фирма „Марковски Компани“ и да го оштетат државното претпријатие.
Сомнежот се однесува на јавна набавка за дислокација на погонски станици од „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола, која, според обвинителството, се реализирала спротивно на основниот рударски проект.
Иако работите не биле извршени, фирмата на Марковски доставувала фактури и незаконски наплатила над 106 милиони денари со вклучен ДДВ.
„Станува збор за класичен пример на продолжено кривично дело злоупотреба на јавни набавки, во кое државното претпријатие било директно оштетено“, информираа претходно обвинителството.
Со предистражните мерки на Управата за финансиска полиција, во изминатите неколку месеци се прибрани докази кои го потврдуваат сомнението дека дел од вработените во Комбинатот ја злоупотребиле својата позиција во корист на приватната фирма.