Обвинителката Крстевска Јосифовска ќе го доврши завршниот збор

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска денеска во Кривичниот суд ќе го доврши завршниот збор во кривичниот процес против четворицата обвинети за грабнувањата и за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски и против Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во киднапирањето на неговата ќерка. Јавноста сè уште чека обвинителката да го образложи мотивот користољубие, како што се тврди во обвинителниот акт – дека Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев ја грабнале Вања за да побараат откуп од близок член на семејството.

Иако тие веднаш го убиле детето, никогаш не побарале откуп, а немале ниту место каде ќе ја чуваат додека ги чекаат парите, обвинителството до денес настапува дека токму тоа им бил мотивот за злосторството. Обвинителството се држи до тезата со аргументација дека обвинетите имале финансиски проблеми и сметале дека така ќе ги решат.

Во своето сведочење второобвинетиот Манев рече дека Палевски им ветил по 150.000 евра на останатите тројца за да грабнат возрасна жена, ќерка на фармацевт, а кога, наводно, по грешка ја грабнале Вања им рекол дека ќе добијат помалку пари. Но, Палевски веднаш ја убил со истрел во главата и им наредил на останатите да ја закопаат. Пари од семејството на Вања не побарале.

И за таткото на Вања јавноста чека обвинителката на крајот на завршниот збор да го докаже неговото користољубие. Крстевска Јосифовска се држи до тезата на начин што истакнува дека тој никогаш не го солемнизирал на нотар договорот за дар на двата семејни стана на ќерките Миња и Вања. Станот во Дебар Маало требало да го добие Миња, а станот на „Партизански одреди“ Вања. Обвинителката во тоа недовршување на заверката на договорите за дар гледа поврзаност со делото за кое го товари Александар, но досега не ја образложи таа поврзаност, а не ја докажа ниту неговата поврзаност со киднаперите на неговото дете, на кои наводно им помагал.

По завршниот збор на Обвинителството пред Кривичниот суд ќе се обратат законските застапници на оштетените од семејствата Ѓорчевски и Жежовски. Се очекува, како што беше најавено, тие да го изнесат своето отштетно побарување. Застапничката на Зорица и на Миња Ѓорчевски на крајот на доказната постапка истакна дека мајката Зорица и сестрата Миња речиси целата 2024 година посетувале психијатар. Таа најави дека ќе бара отштета од сите обвинети. Ќерката на убиениот Панче Жежовски уште на почетокот на судењето при своето сведочење најави отштетно побарување за смртта на нејзиниот татко и за причинетата болка и страдање.

Потоа се очекуваат завршните зборови на бранителите и на обвинетите. Според редоследот во обвинителниот акт, прв ќе одржи завршен збор Горан Бошевски, адвокатот на второобвинетот Велобор Манев.

На претходното рочиште обвинителката Крстевска Јосифовска истакна дека убиството на дете не е само суровост, туку е напад врз човечноста, чин што не може да се оправда. Таа во своето излагање ги повтори поентите од сите сведочења и ги наброја прибаените докази. Од обдукциските наоди на жртвите истакна дека и Панче и Вања се убиени со истрел во главата со оружје со калибар од 9 милиметри. Жежовски имал неколку скршени ребра, а половина од лицето му го немало. Обвинителката рече дека жртвите се убиени на свиреп начин, додека биле врзани, немоќни и оневозможени да се бранат, во состојба на голем страв и дека им било кажано дека ќе бидат убиени.

Панче Жежовски (74) е киднапоран од неговиот дом и убиен утрото на 22 ноември 2023 година. На минатото рочиште Крстевска Јосифовска го прецизираше обвинението и рече дека за времето на неговата смрт наместо во 10 часот, треба да стои 11 часот. Вања Ѓорчевска (14) е киднапирана и убиена на 27 ноември 2023 година, а обвинителката рече дека во обвинението за времето на нејзината смрт наместо околу 9.30 часот, треба да стои во времето од околу 8.30 до 9.30 часот.

Share This Article