Нови 1.878 случаи на грип – Вирусот е најактивен во Кавадарци и во Дебар

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Во текот на четвртата недела од 2025 година, во државава пријавени се 1.878 случаи на групни пријави за заболени од грип или заболувања слични на грипот. Тоа претставува 33% повеќе пријави во споредба со претходната недела.

Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со четвртата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,4%, а во споредба со бројот за четвртата недела од типичната епидемиска крива, моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 10,2%. Пријавената инциденца е над неделната граница на средна активност на вирусот на грип, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Најмногу болни има во Дебар и во Кавадарци

Во однос на возрасната дистрибуција, 1.066 лица се на возраст од 15 до 64 години. Бројот на разболени деца е 349, на возраст од 5 до 14 години. Додека, пак, 325 од новозаболените се деца на возраст до 4 години. Регистрирани се 138 лица на возраст над 65 години.

Заболените се пријавени од 29 Центри за јавно здравје, од Скопје – 581, Кавадарци – 219, Куманово – 167, Струмица – 162, Штип – 106, а во останатите, бројот на заболени е помал или еднаков на 100.

Во 6 извештајни единици, што пријавија случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во 10 – сезонска, во 8 – средна, во Крушево, Свети Николе, Кратово – висока, а во Кавадарци, Дебар – многу висока активност на вирусот на грип.

„Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, што е над неделната граница за средна активност. Резултатите, добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца, покажуваат дека има широка географска активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10%, 3 недели со ред. Согласно овие податоци, Република Северна Македонија има среден интензитет на вирусот на грип“, заклучуваат од ИЈЗ.

Избегнувајте гужви и контакт со болни

За заштита од грип, од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или се сомнителни, односно кои кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура.

„Честопати да се мијат рацете со вода, сапун или со дезинфекционо средство. Да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат. Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи. Да се пијат топли напитоци – чаеви и супи, овошни цедени сокови, вода со лимон. Да се земаат свежи продукти, богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук што му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц – цитрони, лимони, портокали. Доколку не се располага секогаш со свежи прехранбени продукти, може да се користат и мултивитамински напитоци и препарати“, советуваат од Институтот.

Намален стрес и здрави навики

Се препорачува и практикување здрав начин на живот и навики, вклучително добар сон и одмор, здрава храна, одржување физичка и психичка активност, намалување на стресот.

- Advertisement -
Ad image

„Силниот имунитет ќе помогне да се остане здрав или полесно да се справи човек со грипот и со заболувањата слични на грип. Сепак, дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да заболите од грип или да имате заболување слично на грип“, наведуваат од ИЈЗ.

Во таков случај, советуваат да се остане дома – да не се оди на работа, в училиште или на места каде има многу луѓе.

„Одморајте се и земајте многу течности и лесна храна. Избегнувајте блиски контакти со лицата со кои живеете, не примајте посети додека сте болни. Покријте го носот и устата со шамивче при кашлање и кивање. По употреба, фрлете ги во корпа за отпадоци. Носете заштитна маска кога контактирате со своите блиски во домот, кога кашлате и кога кивате. Практикувајте често и темелно миење раце со топла вода и сапун. Користете влажни марамчиња што содржат алкохол или средство за дезинфекција на рацете. Избегнувајте допирање на очите, носот и устата со раце. Често проветрувајте ја просторијата каде што престојувате додека сте болни. Одржувајте ја чиста вашата околина – предмети, површини со средства за хигиена на домот. Ако имате над 65 години, имате хронични заболувања или доколку симптомите на болеста се влошуваат или траат повеќе денови – побарајте лекарска помош“, советуваат од ИЈЗ.

- Advertisement -
Ad image

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, потсетуваат од Институтот. Се препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи, согласно препораките на СЗО.

Заклучно со четвртата недела, во Република Северна Македонија, вакцинирани се вкупно 72.357 лица со бесплатна или со комерцијална вакцина против грип.

Share This Article