Граничниот спор меѓу Тајланд и Камбоџа ескалираше во вооружени судири во четврток, кога тајландски борбен авион Ф-16 бомбардираше воени цели на камбоџанска територија, што двете страни го потврдија. Судирите досега одзедоа најмалку двајца цивили.
Тајландската војска соопшти дека од шесте распоредени Ф-16, еден испалил проектил и уништил воена цел на камбоџанска страна. Во исто време, властите на двете земји се обвинија меѓусебно за провоцирање на конфликтот што избувна во раните утрински часови.
„Користевме воздушна сила против воени цели во согласност со планот“, рече заменик-портпаролот на тајландската војска, Рича Суксуванон. Тајланд оттогаш ја затвори својата граница со Камбоџа.
Министерството за одбрана на Камбоџа соопшти дека бомбите паднале на патот и остро го осуди она што го нарече „неодговорна и брутална воена агресија на Кралството Тајланд против суверенитетот и територијалниот интегритет на Камбоџа“.
Тензиите ескалираа откако Тајланд го отповика својот амбасадор од Пном Пен и го протера камбоџанскиот амбасадор од Бангкок откако втор тајландски војник за седум дена беше сериозно ранет од наводно новопоставена мина.
Министерството за надворешни работи на Тајланд ја обвини Камбоџа дека пукала со „тешка артилерија“ кон воена база и цивилни цели, вклучително и болница, предизвикувајќи цивилни жртви.
„Кралската тајландска влада е подготвена да ги интензивира одбранбените мерки доколку Камбоџа продолжи со нападите и кршењата на нашиот суверенитет“, се вели во соопштението.
На терен, жителите на покраината Сурин, вклучувајќи деца и стари лица, беа евакуирани во засолништа направени од бетон, песок и автомобилски гуми.
„Колку гранати беа испукани? Не можете да ги изброите“, изјави една жена за тајландскиот PBS додека се криеше од пожарот и експлозиите.
Министерството за надворешни работи на Камбоџа ги нарече тајландските воздушни напади „неиспровоцирани“ и побара итно повлекување на трупите.
Судирите избувнаа во близина на храмот Та Моан Том, на 360 км од Бангкок. Тајландските власти велат дека Камбоџа испратила дрон и тешка артилерија кон храмот, додека Камбоџа инсистира дека тоа било самоодбрана по „неиспровоцираната“ инвазија на Тајланд.
Официјалните лица велат дека досега се евакуирани 86 села и повеќе од 40.000 цивили. Две лица се убиени, а двајца тајландски војници се ранети.
Судирите доаѓаат по инцидентите со мини. Тајланд ја обвинува Камбоџа за поставување нови мини во кои биле повредени тројца војници, додека Пном Пен ги негира обвинувањата, велејќи дека војниците наишле на мини од минатите војни.
ОН и меѓународните организации за деминирање велат дека Камбоџа сè уште има милиони мини останати од граѓанската војна.
Во меѓувреме, политичката ситуација во Тајланд стана уште покомплицирана откако премиерот Паетонгтарн Шинаватра беше суспендиран поради обид за преговори со поранешниот камбоџански лидер Хун Сен, чија содржина беше објавена во јавноста, според Ројтерс.