Нов земјотрес со јачина од 4,9 степени беше регистриран источно од Санторини, што воедно е и најсилниот во серијата земјотреси во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос во изминатите најмалку 48 часа. Од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака со предупредување до сите оние кои се на островот поради опасност од лизгање на земјиштето, јави дописничката на МИА од Атина.
По конкретниот земјотрес за помалку од 1 час следеа 6 помали потреси со јачина од 3,3 до 4 степени.
Во текот на ноќта и рано утринава продолжија умерените земјотреси во близина на Санторини, меѓутоа грчките сеизмолози смируваат и велат дека се следи ситуацијата, додека, пак, според медиумите во Грција, од синоќа голем е бројот на граѓани кои го напуштаат островот, јави дописничката на МИА од Атина.
Од бројот 112 беше испратена порака до оние кои се на Санторини со предупредување за „опасност од лизгање на земјиштето поради сеизмичка активност“, но и дека е забранет пристапот до областите на Амуди и на Армени и до старото пристаниште на островот.
Кусо подоцна следеше уште една порака од бројот за итни случаи, но до сите оние кои се на островите Иос, Аморгос, Санторини и Анафи, да бидат во состојба на готовност поради континуираната сеизмичка активност.
Се очекува во текот на денешниот ден надлежните комисии од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција да одржат нов состанок.
Во контекст на бројните земјотреси во последниве 2 дена, на профилот nikana.gr на Инстаграм е објавено видео на кое може да се забележи прашината, предизвикана од земјотресите.