Шпанскиот државен обвинител денес објави дека Шпанија ќе започне истрага за можни кршења на човековите права во Газа за да утврди дали израелските дејствија претставуваат сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право и правото за човекови права. Со оваа истрага, Шпанија сака да придонесе во работата на Меѓународниот кривичен суд (МКС), објавува француската новинска агенција АФП.
Државниот обвинител Алваро Гарсија Ортиз денес нареди формирање работна група за истражување на кршењата на меѓународното право за човекови права во Газа. Се очекува групата да собере докази и да ги достави до надлежниот орган, со што ќе ги исполни обврските на Шпанија во врска со меѓународната соработка и човековите права.
Оваа иницијатива на шпанскиот државен обвинител е одговор на препораката од извештајот на Независната меѓународна комисија за истрага на Обединетите нации за окупираните палестински територии, која ги повикува државите-страни да соработуваат во истрагата на МКС, напиша и шпанскиот државен обвинител во соопштение за медиумите.
Според декретот на државниот обвинител, до кој АФП имаше пристап, Шпанија е должна да обезбеди соработка и помош потребна за истрагата на МКС. Ова значи дека мора да му ги достави на меѓународниот суд сите директни или индиректни докази за настаните во Појасот Газа што можат да се соберат во Шпанија. Според државниот обвинител, наодите би можеле да послужат како доказ за злосторства извршени од израелските сили во палестинската енклава.
Во ноември минатата година, на барање на главниот обвинител Карим Кан, МКС издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, тогашниот министер за одбрана Јоав Галант и командантот Мохамед Деиф за наводни воени злосторства во Израел и Газа.
Шпанија е исто така меѓу земјите што се придружија на тужбата против Израел, поднесена од Јужна Африка до Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг поради наводи за геноцид во Газа.