Финансиската состојба на САД ќе биде полоша од она што се очекува, оцени нобеловецот Џозеф Стиглиц.
Тој смета дека пазарите на обврзници сè уште не ги процениле целосно последиците од царините на Трамп. Кога компаниите ќе се прилагодат на новиот режим, царинските приходи ќе се намалат, што би можело да ја влоши финансиската состојба на САД.
Во претходните денови, приносите на долгорочните обврзници се зголемија низ целиот свет. Засега нема паника, но инвеститорите се загрижени за високото ниво на задолженост и состојбата на државните буџети. Приносите на американските обврзници исто така се зголемија, но пазарот сè уште не ја одразува реалната фискална состојба на САД.
Стиглиц истакнува дека Америка ќе ги финансира своите обврски, но предупредува дека очекуваната реална каматна стапка за следните 10 години се зголемила од 2% на 2,5%. Инвеститорите сè уште не реагирале доволно на фактот дека Трамп планира да го покрие растечкиот буџетски дефицит со приходи од царини.
Досегашните податоци покажуваат дека царинските приходи се зголемиле, но на компаниите им е потребно време да ги реорганизираат своите синџири на снабдување и да го пронајдат најповолниот начин за набавка на суровини. Кога тоа ќе се случи, царинските приходи повторно ќе паднат.
– Затоа верувам дека финансиската состојба на САД ќе биде полоша отколку што покажуваат проекциите сега – рече Стиглиц во изјава за .
Тој, исто така, потсети дека трговскиот договор со Европа е неповолен за ЕУ, но дека Брисел немал избор поради воениот конфликт со Русија во Украина и потребата од американски одбранбени капацитети.