„Не знаевме дека доаѓа оваа поплава. Бидете сигурни, никој не знаеше дека доаѓа ваков вид поплава.“
Вака изјави пред новинарите судијата Роб Кели, највисоко избран функционер во округот Кер во Тексас, за поплавата која одзеде најмалку 78 животи. Дали метеоролозите се делумно виновни за трагедијата, анализира Нешнл паблик радио.
По бурата, почна да се формира поделба помеѓу прогнозерите на Националната метеоролошка служба и некои службеници од Тексас кои сметаа дека нивните временски извештаи не ја предвидуваат точно катастрофалната моќ на бурата.
– Првичната прогноза што ја добивме во среда од Националната метеоролошка служба предвиде 7 до 15 сантиметри дожд во долината Кончо и 10 до 20 сантиметри дожд во ридската област. Количината на дожд што падна на оваа специфична локација не беше во ниту една од тие прогнози – обвини на прес-конференција шефот на Тексашката дивизија за управување со вонредни состојби, В. Ним Кид.
Тешко е да се убедат властите и јавноста дека доаѓа потоп
Но, метеоролозите велат дека е исклучително тешко да се претпостави точно што ќе направи еден сложен временски систем, а потоа да се убедат службениците и јавноста да се подготват за најлошото.
Портпаролот на Националната метеоролошка служба во САД истакна дека агенцијата одржала брифинзи за прогнози за службениците за вонредни ситуации во четвртокот, 3 јули, издала предупредување за поплави и испратила предупредувања за ненадејни поплави истиот ден навечер и во петокот наутро.
Најтешко е да се предвиди на која точно локација најмногу ќе истури
Мајкл Морган, професор по атмосферски науки на Универзитетот во Висконсин-Медисон, рече дека прогнозирањето на врнежите останува „еден од најзагрижувачките проблеми“ во неговата област.
Но, тој рече дека верува оти Националната метеоролошка служба си ја завршила работата со тоа што дала општа претстава за бурата во Тексас, а потоа обезбедила поконкретни локални прогнози како што станувале достапни дополнителни информации.
– Мислам дека прогнозите на Националната метеоролошка служба беа точни. Специфичното насочување кон локации кои ќе добијат максимални врнежи од дожд е неверојатно предизвикувачки проблем со прогнозата – изјави професорот Морган.
Си ја завршија работата, но никој не очекуваше вода од 9 метри
На прес-конференција во неделата, гувернерот на Тексас, Грег Абот, призна дека Националната метеоролошка служба објавила предупредувања за обилни дождови и потенцијал за ненадејни поплави.
– Проблемот со тоа е што, за повеќето луѓе во областа, ненадејните поплави би значеле едно нешто, а не она што се покажа, бидејќи луѓето постојано се справуваат со ненадејни поплави. Постои потенцијал за ненадејни поплави, но нема очекување дека поплавата ќе биде висока речиси 9 метри.
Сите протоколи биле следени
Пет Фицпатрик, професор по атмосферски науки на Универзитетот Тексас А&М – Корпус Кристи, вели дека не верува дека некој е виновен, туку дека се случил редок и сложен временски систем преку ноќ за време на долгиот викенд за празниците на 4-ти јули.
– Државните службеници ги следеле соодветните протоколи пред бурата и тековните протоколи за бура. Националната метеоролошка служба, исто така, ги следела нивните соодветни протоколи за предупредувања и изјава за вонредна состојба при поплава – изјави професорот Фицпатрик.
Најмалку 78 лица загинаа, многумина се водат за исчезнати
Уште во среда, властите во Тексас ги мобилизираа ресурсите на државата за итни случаи за да се подготват за претстојната бура.
До четврток попладне, канцеларијата на Националната метеоролошка служба во Остин и Сан Антонио издаде предупредување за поплави за повеќе окрузи, предупредувајќи за „облаци со обилни дождови“ и потенцијал за поплави.
Но, кога бурата ја ослободи својата историска свирепост во раните утрински часови во петокот, многумина беа изненадени. Поради дождовите реката Гвадалупе надојде8 метри за само 45 минути. Првите спасувачи мораа да спасат стотици луѓе кои беа заглавени од надојдените води, а најмалку 78 лица загинаа.
Многу луѓе се водат како исчезнати.