Објава на францускиот претседател Емануел Макрон предизвика бурни реакции во светот. Францускиот лидер на Икс го објави потпишаниот документ со кој Франција на состанок во Обединетите Нации во септември планира да ја признае Палестина како независна држава. Соединетите Американски Држави и претседателот на Израел ја осудија одлуката, додека милитантната група Хамас ја поздрави.
„Во согласност со нејзината историска посветеност на праведен и траен мир на Блискиот Исток, одлучив дека Франција ќе ја признае државата Палестина. Ова свечено ќе го објавам на Генералното собрание на Обединетите нации во септември оваа година … Мирот е можен“, напиша Макрон на социјалните мрежи.
Шефот на американската дипломатија го осуди потегот објавувајќи го следното:
„Оваа невнимателна одлука служи само за пропагандата на Хамас и го кочи мирот. Овој потег е шлаканица во лице за жртвите на масакрот од 7 октомври“, напиша Марк Рубио на Икс.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро ја осуди објавата на Макрон.
„Ваквиот потег го наградува теророт и ризикува да создаде уште еден ирански посредник, исто како што тоа стана Газа. Палестинска држава под овие услови би била лансирна рампа за уништување на Израел“.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар исто така реагираше на Икс.
„Палестинска држава ќе биде држава на Хамас“, напиша тој.
Во исто време, Хамас ја поздрави објавата на Макрон, нарекувајќи ја позитивен чекор кон постигнување правда и самоопределување за палестинскиот народ.
Во изјавата, исламистичката група ги повика другите земји, особено во Европа, да го следат примерот на Франција и ја потврди својата цел за формирање суверена палестинска држава со Ерусалим како главен град.
Макрон во својата објава сподели писмо до палестинскиот претседател Махмуд Абас. Според писмото, Абас потврди дека Палестинската управа има намера да преземе суверени одговорности во Појасот Газа, кој во моментов е контролиран од Хамас, и се обидува да спроведе длабоки реформи. Тој исто така изрази поддршка за одржување избори следната година.
Во писмото исто така се наведува дека идната палестинска држава не треба да биде милитаризирана. Се вели дека Абас го поддржал разоружувањето на Хамас, го осудил терористичкиот напад од 7 октомври 2023 година и повикал на итно ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.