Нашата интенција не е да се контролираат само приватните болници, туку и јавното здравство, зашто и таму има голема пролиферација на непотребни интервенции, непотребни стентирања и тоа е многу лесно докажливо, вели кардиологот Сашко Кедев, кој заедно со уште десетина негови колеги јавно излегоа и доставија медицинска документација до Министерството за здравство, за случаи со непотребни кардиохируршки интеревенции.
– Се прави сè и сешто без никаква контрола, и во центрите во чие создавање сум учествувал. Се надевам дека со контрола ќе се отстранат овие неправилности, ќе се заштитат пациентите од непотребни процедури. Треба и приватното и јавното здравство да бидат субјект на контрола и нема ништо лошо во тоа. Меѓутоа, потребна е реална контрола. Не ни треба административно-правна, туку експертска контрола. Сигурен сум дека со тоа многу финансиски средства ќе се насочат кон реално подобрување на здравствените услуги, а одвојуваме доволно средства за да имаме бесплатно здравство – рече Кедев синоќа во емисијата „Вечерното шуо со Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа.
Стојам комплетно зад тоа што го кажав во врска со злоупотребите при кардиохируршки интервенции, додаде тој.
– Тоа го имам кажувано многупати и порано, пред други здравствени авторитети. Овој пат покрена лавина на реакции, јавноста многу се наелектризира, што е исправно. Основната моја мотивација за сето ова е да расчистиме со неправилностите таму каде што можеме – рече Кедев.
Тој оцени дека овој пат здравствениот систем реагираше соодветно, формирана е комисија која ги анализира случаите што до Министерството за здравство ги доставија лекари од Клиниката за кардиологија и од Државната кардиохирургија. Целта, според него, е да се воведе соодветна контрола и да се подобри здравствениот систем во кој сега најмногу се вложува.
– Сведоци сме на невидено инвестирање во здравството. Во моментов има досега највисок буџет за здравството, но за жал, не можеме да ги видиме бенефитите од тоа. Суштината е да се воведе контрола во здравствениот систем што ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните и да се спречат неправилностите. Тие неправилности не се од сега, датираат многу години наназад. Јас сум ги отворал многу пати, но никогаш не сум наидувал на поддршка. Овој пат има огромна поддршка и од јавноста и од институциите, што е многу позитивно. Сегашниот министер за здравство е најмалку инволвиран во ова и воопшто нема врска со овие работи. Се надевам дека формирањето на комисијата од домашни експерти во рамки на Министерството за здравство, меѓународната комисија и Лекарската комора, ќе дадат голем придонес да се расчисти сето ова. Јас сум оптимист и мислам дека ќе направиме позитивен импакт во оваа сфера – рече Кедев.
Смета дека треба да се направат соодветни проверки и во јавното и во приватното здравство, а потоа наодите на комисијата да бидат евалуирани од меѓународни експерти.
– Мислам дека сме на добар пат. Најважно е да ја воведеме контролата и да го подобриме системот, а ова да биде иницијален стимул за тоа – вели Кедев.
Нагласи дека сознанијата што ги изнесе пред јавноста и кои се доставени до МЗ не се само негови, туку тоа се искуства од 16 лекари експерти, интервентни кардиолози и кардиохирурзи.
– Можеби најмалку од овие случаи дошле во контакт со мене директно, најголем дел индиректно, кај колеги кои ме консултирале. Заеднички сме констатирале неправилности. Нашата професија е егзактна и лесно е да се види дали има или нема потреба од нешто. Често работиме во сива зона – кога може, но и не мора да се направи нешто. Суштината е, според медицински базирани докази, многу често не треба да се прави ништо, треба да се применува конзервативен пристап, пациентите да се советуваат за соодветен животен стил, здрава исхрана и оптимална медикаментозна терапија под контрола на лекар специјалист. Сигурно има случаи каде е неопходен најагресивен кардиохируршки третман, но треба да имаме систем кога ќе му го препорачаме тоа на пациентот тоа да е најдоброто нешто за него – истакна Кедев.
За тоа дали е можно да се докажат злоупотребите, тој посочува дека има сива зона, но има и сигурна зона каде што се знае дека не мора ништо да се прави.
– Треба да се направи дистинкција во однос на неправилностите. Има сива зона во која може и едно и друго. Но, имаме и зона во која знааеме дека не треба ништо да се прави и тоа многу цврсто е докажливо со документацијата што ја имаме. Работиме со ангиографски филмови, целата процедура се снима и тие докази може да ги евалуираат само компетентни експерти – интервентен кардиолог или кардиохирург – вели Кедев.
Тој смета дека е оправдано да има приватни болници и тоа што се овозможи да заживее кардиохирургијата во земјава во 2000 година.
– Тогашниот директор на ФЗО Војо Михајловски кој беше вклучен во отворањето на кардиохирургијата, не плаќаше ниту една интервенција без да има 5 потписи и конзилијарно мислење од инвазивни кардиолози или кардиохирурзи. Ако ја имаме таа контрола ќе се овозможи приватните да работат како што треба, да нема злоупотреби, а во јавните да нема непотребни стентирања и непотребни интервенции – рече Кедев.
Според него, треба да се заострат критериумите не само за интервенциите туку и за снимањата, зашто, како што посочува, секое снимање го зголемува ризикот од малигни заболувања. Често има потреба, но има и многу т.н. превентивни снимања, без соодветна индикација.
Кедев смета дека не треба да се затвораат приватните институции, туку да се воведе соодветна контрола и да се обезбеди сигурност и мир кај граѓаните.
– Не може да има профит во здравството, а ако го има, тој не е на реални пациенти, бидејќи оние кои реално одат на хируршки интервенции, тие интервенции се скапи и тука не може да има профит. Пациентите треба да имаат право на избор, но државата мора да контролира. Тука е ФЗО кој плаќа, а второ е Министерството за здравство кое дава дозвола да се отвори некоја здравствена установа и должни се да вршат контроли – посочи Кедев.
Решавањето на проблемите во здравството, според него, не е поврзано со политика, туку со експертиза.
Проблем, како што вели, е и заминувањето во приватните болници на кадарот кој се формира во јавното здравство и за кој државата вложувала во неговата едукација. Тој забележува и на зачестеното рекламирање на здравствени третмани, услуги и средства, кои можеби не се покриени со закон, наместо да се промовира здрав начин на живот.
Доктор Кедев советува превентива, едукација на пациентите и здрав начин на живот за да не дојде до здравствени компликации, особено на кардиоваскуларнииот систем, кои се главна причина за смрт кај нас и во светот. Потребна е и едукација кога треба да се прават превентивни прегледи, преку кои, како што наведе, многу често се „ловат“ пациенти и се индицираат инвазивни процедури кои не се потреби.