Неколку „туристики“ завршија во полициска станица во Гостивар откако биле затекнати во ноќен клуб како работат за време на акциска контрола на полицијата, во раните утрински часови на 30 јули.
Како што соопшти МВР, полициски службеници од ОВР Гостивар во периодот од 01:05 до 02:10 часот извршиле контрола во локал на улицата Илинденска, чиј сопственик е 49-годишниот Ј.А. од Гостивар. Во клубот биле затекнати 15 женски лица, од кои 11 македонски државјанки и четири странски од Србија и Украина, на возраст од 31 до 42 години.
Според полицијата, странските девојки биле приведени веднаш поради злоупотреба на туристичкиот престој, бидејќи биле ангажирани спротивно на целта на нивниот влез во земјата. Тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка, а против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.