Русија изведе нови напади врз Украина во текот на ноќта, при што беа ранети повеќе од десет луѓе во Киев и во јужниот дел на Миколаевската област, соопштија украинските власти.
Според службите за итни случаи, петкатница во Миколаев се запалила по нападот. Десет лица се повредени, од кои тројца се пренесени во болница, јавува француската новинска агенција АФП.
Во меѓувреме во Киев две лица се повредени, а еден магацин се запалил. Според локалните власти, противвоздушната одбрана соборила 16 од вкупно 30 руски беспилотни летала над градот.
Вкупно, според украинската војска, руските сили ја нападнале Украина со 145 беспилотни летала во текот на ноќта. 85 од нив беа соборени. Во меѓувреме, Русија, според сопствените изјави, соборила 42 украински беспилотни летала над нејзините западни и јужни региони.