Кремљ одби да ја коментира одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за скратување на рокот за Москва да се согласи на прекин на огнот во Украина од 50 на 10 до 12 дена, а портпаролот денеска само изјави дека Москва е свесна за овој потег.
– Ја зедовме предвид вчерашната изјава на претседателот Трамп – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе ДПА повикувајќи се на руската државна новинска агенција Тас.
Претходно овој месец, Трамп се закани дека ќе ги погоди трговските партнери на Русија со „остри“ царини доколку Москва не се согласи на прекин на огнот во рок од 50 дена, давајќи му на рускиот претседател Владимир Путин рок до 2 септември.
Но, за време на состанокот со британскиот премиер Кир Стармер во понеделникот, Трамп изјави дека ќе ги намали 50-те дена што му ги даде на Путин „на помал број“, велејќи дека тоа би можело да биде „10 или 12 дена“.
Трамп го оправда потегот велејќи дека е разочаран од Путин, кој не покажал подготвеност за компромис.
Кремљ постојано нагласува дека нема да биде притиснат да постигне договор.
Песков понатаму изјави дека тековната нормализација на односите меѓу Русија и САД забавила. Меѓутоа, Москва сè уште е заинтересирана за одржување на односите и се надева дека процесот ќе добие голем замав, додаде тој.