Новиот канадски премиер Марк Карни во својот говор по изборот за лидер на Либералната партија, а со тоа и за премиер, рече дека неговата земја ќе победи и никогаш, на кој било начин нема да биде дел од САД.
– Канаѓаните се секогаш подготвени кога некој ќе ја фрли ракавицата. Нека не се залажуваат Американците. Во трговијата, како и во хокејот, Канада ќе победи, рече тој во неделата, мислејќи на спортското ривалство меѓу двете земји, кое неодамна беше искористено од американскиот претседател Доналд Трамп.
– Доналд Трамп ги напаѓа канадските семејства, работници, бизниси, нема да му дозволиме да успее – вети Марк Карни, откако беше избран за лидер на либералите на местото на Џастин Трудо.
Американскиот претседател започна трговска војна со својот северен сосед со воведување царини за канадски производи. Тој продолжува со изјавите дека дека сака Канада да стане 51-вата американска држава.
– Американците ги сакаат нашите ресурси, нашата вода, нашата земја. Ако успеат, ќе го уништат нашиот начин на живот. Во Соединетите Држави никогаш нема да има право на француски јазик – рече тој во својот говор, редовно менувајќи го говорењето од англиски на француски.
Радоста на животот, културата и францускиот јазик се дел од нашиот идентитет, додаде Карни.
– Ова се темни денови, мрачни денови донесени од земја (САД) на која повеќе не можеме да ѝ веруваме – продолжи тој.
59-годишниот поранешен гувернер на Банката на Канада, нов на политичката сцена, вети дека „ќе изгради нова економија и ќе создаде нови трговски односи“.
Тој и официјално ќе стане премиер во наредните денови по трансферот на власта од Џастин Трудо, кој на почетокот на јануари најави оставка, по речиси 10 години на власт.
Карни нема долго да остане на функцијата, бидејќи Канада мора да одржи избори најдоцна до октомври.