Побрз проток на патници, единствена контрола при влез на патниците во земјава се бенефитите од функционирањето на системот „One Stop Shop“ помеѓу Република Северна Македонија и Косово на Граничниот премин „Блаце“, кои ги соопштија денеска министрите за внатрешни работи Панче Тошковски и Џелал Свечла, кои заедно со вицепремиерот Изет Меџити го посетија преминот.
Претставниците од двете соседни земји ги увидоа подготовките за почетокот на функционирањето на проектот. Министерот за внатрешни работи, Тошковски рече дека е донесена потребната опрема за вмрежување на системите, инсталирањето на опремата и увиделе како технички ќе функционира.
– Во рамки на една платформа ќе се споделуваат информации коишто ги имаме помеѓу двете министерства, сè со цел да овозможиме, преку само констатација од страна на еден полициски службеник да можат косовските граѓани да влезат во Македонија и исто македонските граѓани да влезат во Косово преку контрола да речеме само од страна на еден полициски службеник. Секоја држава го штити својот влез – изјави министерот Тошковски.
Тој рече дека ќе се овозможат градежни зафати со кои ќе се прошират влезовите кон Македонија, ќе има и соодветни услови и кон Косово. Во моментот на преминот има три кабини, каде со мобилни „лаптопи“ ќе се обезбедат шест позиции на кои ќе се врши контрола, со цел како што рече министерот граѓаните побрзо да можат да го остваруваат влезот.
– Да овозможиме соодветна комуникација каква што доликува на две европски држави – рече Тошковски.
Македонскиот министер за заблагодари на косовскиот за ангажманот околу овој проект, на кој му претходеле координации, состаноци, средби.
– Сметам дека со заеднички напори и сила ќе дојдеме до граничен премин, каков што доликува да го имаме. Морам да истакнам дека еве вака со Косово оној проект којшто ние претходно го најавивме дека ќе биде примена на ваков тип на премин на граничните премини сме најнапред ќе бидеме првиот којшто ќе го ставиме во функција. Во иднина, следат ваков тип на олеснувања на граничните премини и со Република Србија, со Република Албанија. Овој премин беше најподготвен да биде ставен како прв во функција – изјави Тошковски.
Одговарајќи на новинарски прашања, Тошковски рече дека најдоцна до април годинава, би почнало официјалното ставање во функција, по насоките на стручните лица од ИТ секторот.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Свечла е задоволен од увидот на досегашната работа на имплементација на договорот меѓу двете земји за олеснет премин за граѓаните со само една контрола или „One stop shop“.
– Сакам да им се заблагодарам на двете наши екипи, без разлика дали се ИТ или нашите две полиции кои неуморно работеа за да ја спроведат оваа одлука на нашите влади што е можно побрзо и нашите граѓани лесно и без тешкотии да патуваат во двете земји. Верувам дека континуираната комуникација дополнително ги унапредува добрите односи што ги имаме меѓу нашите две земји и се надевам дека фазата на тестирање ќе помине уште поуспешно и сè ќе биде спроведено што е можно поскоро – изјави министерот Свечла.